Искрено со Мијата: Короната ме поклопи психички и ми ги расипа сите диетошки режими

Добивај вести на Viber

Откако испрати интересна порака со песната „Маска“ која вели: Дајте ми маска, за да се прикријам од овој просек што нѐ опкружува, и никој нејќе да се подобрува, а стално друг се обвинува“, кантавторката Наташа Мијата продолжи со уште една оригинална идеја.

Новата песна која исто така има симболично значење, „Невидени“ ја промовираше токму на својот 40. роденден, со забава за најблиските, пријателите и за соработниците.


-Песната „Невидени“ е авторско дело на Александар Јовевски (музика и аранжман) и Весна Малинова (текст). Ја снимаваме во студиото на Дамир Пух кој работеше и микс и мастеринг, со придружни вокали на Наташа Миха и перкусии во живо отсвирени од Ратко Даутовски.  Видеото го работевме со Тања Рибарска, моја долгогодишна друшка и десна рака во креативата уште од времето на „Верувам во себе“, ни раскажа Мијата за својот нов проект и ја објасни приказната на песната.

„Невидени“ е збор со двојно значење за мене, од една страна има многу луѓе кои не се виделе меѓусебно во изминатиот период а сме посакувале, и од друга страна работите што ни се случија во изминатата година се чуда невидени.


Сепак песната со својата интерпретација ја посветувам на оние кои ќе ни останат невидени а ги загубивме во битката со короната“, ни изјави Наташа. 

Минатата година, таа ја загуби својата баба Зорка, која почина поради последници од коронавирусот.

-Да не се повтори“, се сeќава Мијата на своето искуство со вирусот кој ја измачи пред крајот на минатата година.

-Ме окупира,  ми направи бесплатна реуматоидна дијагностика, ме поклопи психички, ми ги расипа сите диетошки режими водејќи ме со мислата „од ова се умирало, јас ќе трпам ќе гладувам, како па да не“, но на крајот на денот ме направи повеќе благодарна за секој нареден миг од животот да го вреднувам многу повеќе“.

Разговорот го свртевме на повесели теми, нејзиниот роденден и на женски муабет, колку жената се менува по четириесеттата година.


-Жената се менува уште од кај 35-тата, пополека но сигурно, и тоа кон подобро. Станува комплетна: физичката убавина ја нема напуштено, животното искуство ја прави помудра а самодовербата е на завидно ниво. Јас лично сум многу комотна во сопствената кожа и мислам дека тоа се гледа и во моето творештво“, откри Мијата за себеси.

Неодамна, таа имаше успешен настап во Битола, каде што со камерниот оркестар го испеа својот голем хит „Верувам во себе“. Во оваа песна многумина се пронајдоа, а Наташа верува дека е ист случајот и со „Маска“.

-Јас пораката ја испратив. На машкиот пол не им одговараше зашто ги вади од комфорт зона. Женскиот пол се будиме пополека. „Маска“ е само уште едно парче во низата дела на светско ниво кои се бават со проблематиката на машко-женските односи. 

Добив голема поддршка од помладата публика за оваа песна што ми е особено битно.“, ни раскажа Мијата.

Прозборевме и околу нештата во кои верува и за кои сонува: За неа, неостварен сон е интернационална кариера и вели дека никогаш не е доцна, и искрено верува во тоа.

Милица Џаровска