Исповед на докторка која заболе од коронавирус: Се исплашив. Сега едвај чекам да се вратам во битката

„ Зборовите на мајка ми „Сè ќе биде добро, добро
си“ беа мојот водич низ овие тешки денови“ вели докторката која оздраве од
Ковид-19
Милена Стојановиќ, анестезиолог во Клиничкиот
центар во Ниш, чие лице беше полно со лузни откако ја симна хируршката
маска и тие фотографии ја обиколија Србија, се разболе со Ковид-19. За среќа, како што и
самата потврди, Милена успешно се справи со инфекцијата и сега ги брои деновите
до нејзиното враќање на должност.
„Имав благи симптоми, субфебрилни, така што на 31
март бев тестирана и се покажа дека сум позитивна на Ковид-19. Бев во домашна
самоизолација 14 дена, пристигнаа два негативни теста, но како што предвидува
протоколот, морам да останам уште две недели дома пред да се вратам на работа“,
вели Милена.
Таа признава дека веста дека е заразена тешко ја
поднела затоа што начинот на кој го добила вирусот за неа е сè уште мистерија.
„ Бев физички добара, немав посериозни симптоми,
но ментално бев оптоварена. Постојано си го поставував прашањето, како се
заразив? Не верувам дека заштитата ме изневерила, тоа се најдобрите заштитни
костуми што во моментов постојат и според мое знаење тие штитат од вирусот дури
99 проценти. Моите колеги постојано се тестираат и никој од нив не е заразен.
Единствено што останува, е дека пред оваа ситуација сум била во контакт со
некој пациент кој ми го пренел вирусот “, објаснува таа.
Таа вели дека без оглед на тоа што и се случува,
не може да дочека повторно да се врати и да се бори против епидемијата.
„ Мојот приоритет сега е да се вратам на работа
... Има многу пациенти на кои им е потребен третман и на моите колеги им треба
многу помош. Тоа е многу исцрпувачка работа во оваа ситуација, знам како беше
сè додека не морав да ја напуштам заради инфекцијата“, продолжува Милена.
Таа признава дека страв постои, но додава дека тоа
е сосема природно со оглед дека непријателот што се бори против медицинскиот
персонал е опасен и непознат.
„ Стравот е корисен на некој начин, ве
предупредува да внимавате. Природно е да се плашите, особено откако ќе видите
што вирусот им прави на пациентите и знаете дека може да му се случи на секого.
Малку знаеме за него и тоа е причината поради која се плашиме повеќе од него“,
објаснува храбрата докторка.
Таа посочува дека е вечно благодарна на сите оние
кои биле со неа во тие тешки денови, особено на нејзиниот свршеник,
семејството, но и на нејзините колеги.
„ Многу сум среќна што мојот свершеник не е
позитивен иако тој цело време беше со мене. На моето семејство, пред сè, и се
заблагодарувам на мајка ми за силата што ја покажа и што ми ја пренесе. Не
можам да кажам дека не се плашев, знаејќи дека болеста може да се манифестира и
е многу непредвидлива. Сепак, мајка ми цело време ме охрабруваше. Мислев дека
ќе паничи, но таа покажа неверојатна сила. Нејзините зборови, „Сè ќе биде
добро, добро си“, беа водач за мене во овие тешки денови“, заклучува докторката
која оздраве од коронавирус.
Исповед на новинарка: Чувствував болка во градите и како некој да ми ги притиска белите дробови