Излекувани од Ковид-19, донирајте крвна плазма да спасиме уште животи: Апелира др. Садула Усеини

Добивај вести на Viber

Донацијата на крвна плазма од излекувани пациенти од Ковид -19 е надеж за пациентите, вели директорот на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје др. Садула Усеини.

Овие денови на Институтот за трансфузиона медицина се очекува првиот донор на крвна плазма, со што и во нашава земја почнува ерата на современо лекување на инфицираните со Ковид-19. Според директорот на Институтот, д-р. Садула Усеини, ова е уште една надеж за пациените, особено за оние кои имаат тешка клиничка слика да бидат успешно излекувани со антитела  од пациенти кои се избориле со новата вирусна инфекција.

Директорот Усеини за Фактор вели дека станува збор за многу сериозна работа и изрази надеж дека сите нивни напори ќе имаат крајно позитивни резултати. За самиот метод и постапка на лекување ни даде подетални информации:

-Во крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција Covid-19 има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Плазмата која ги содржи овие антитела кои се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма. Таа се користи за лекување на заболените од COVID-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста. Терапија со конвалесцентна плазма се покажала ефикасна во борбата против болестите предизвикани од вирусите Ебола и САРС. Со оглед на тоа дека не постои специфична терапија, ни вакцина, неодамнешните истражувања укажуваат дека конвалесцентна плазмa може да биде корисна во лекувањето на инфекцијата предизвикана од новиот коронавирус (SARS-CoV-2), изјави за Фактор, д-р. Усеини.