Ја најдовме современата Тодорка од песната „Крушево абер пристигна“: Се вика Миа, дел е од Илинденскиот марш и после неа веќе ништо нема да биде исто на оваа манифестација

На прв поглед секојдневна и урбана девојка, ништо не укажува на тоа дека по нешто се издвојува. Има 20 години, струдира, работи и има нормален живот како секој друг млад човек.
Но првиот впечаток е многу погрешен, зошто таа воопшто не е обична млада девојка. Веќе неколку години недела дена пред 2ри Август, ја облекува својата традиционална носија, се качува на својот коњ и непоколебливо патува со коњаницата дури до Крушево.
Минатата година, во хоризонотот на машки лица кои се борат за титулата најверен чувар на традицијата, мозак направи една девојка која гордо застана до нив, по габарит многу помала од сите мажи во редот на коњаницата, но со срце колку планина. Храбра достоинствена и пред сѐ, вистинска патриотка.
-Секако е предизвик да си дел од таква манифестација и на коњ да стигнеш до славното Крушево. Тренинзите се интензивни, напорни но многу интересни. Чувството е неописиво кога јаваме по населени места, а мештаните нѐ дочекуваат со многу радост и задоволство, - вели Миа за „Женски магазин“.
На присутните на испраќањето на коњаницата од Скопје, минатата година, токму Миа им заличе на славната Тодорка, која се споменува во песната „Крушево абер пристигна“. Во народната песна се пее дека Тодорка била единствена на татко си и во недостиг на син, тој морал да ја испрати токму храбрата Тодорка во борба. Впечатокот на присутните беше дека ја пронајдовме современата и денешната верзија на легендарната Тодорка од песната „Крушево абер пристигна“.
Миа дава пример, годинава нема да е единствена девојка на коњаницата
Годинава Миа повторно ќе го земе својот коњ и како што самата вели своето хоби ќе го поврзе со својот патриотизам и ќе замине со коњаницата во Крушево. Но нема да е сама, веќе ја инспирирала својата помала сестра Мила, која има само 14 години да тргне со неа.
-Оваа година повторно сум дел од Илинденскиот марш. Оваа година ми се придружи и мојата помала сестра која има 14 години. Јавањето ни е хоби од мали нозе, истакнува Миа.
Иако досега не беше својствено да гледаме девојчиња и жени на Илинденскиот марш и секогаш со големо внимание и контроверзни коментари се следат учествата на жените и девојчињата на големи традиционални собири, вклучително и „скокањето по крст“, млади девојки кои не се задоени со предрасуди поставуваат нови правила на игра и покажуваат дека полот не ја дефинира ниту способноста, ниту чувството и никого не треба да прашуваме за дозвола или право, да си ја сакаме на себе својствен начин сопствената култура и традиција. Од овие девојки - Миа и Мила можеме да научиме многу, пред сѐ голема лекција за храброст и достоинство.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов


