Каде платата не ја покрива ни киријата? Европските градови рангирани според достапноста на домувањето – еве како стојат работите

Добивај вести на Viber

Трошоците за домување стануваат сè поголем товар за граѓаните низ Европа, покажуваат податоците на Евростат, додека цените на кириите, особено во урбаните средини, сè повеќе ги притискаат граѓаните со ниски примања и минимални плати. 

Во некои градови, киријата знае да го надмине месечниот приход.

Според извештајот Mapping the World’s Prices, кој ги споредува нето месечните плати и трошоците за изнајмување еднособен стан во центарот на 69 светски метрополи, ситуацијата во европските градови станува сè понеподнослива. Од анализирани 28 европски градови, во некои киријата надминува 100% од просечната плата, што значи дека граѓаните не можат да си дозволат стан без дополнителни приходи.

Каде се највисоки, а каде најниски платите?

Во 2025 година, највисоки нето месечни плати во Европа има во Швајцарија: Женева со 7.307 евра, а веднаш зад неа е Цирих со 7.127 евра. Во спротивност, најниски плати има во Истанбул (855 евра) и Атина (1.044 евра). Западна и Северна Европа бележат плати над 4.000 евра во градови како Луксембург, Копенхаген, Амстердам и Франкфурт.

Од главните градови на најголемите европски економии, Рим има најниска просечна плата (2.046 евра), додека Берлин, Париз и Лондон бележат над 3.500 евра.

Каде се највисоки кириите?

Најскап град за изнајмување во Европа е Лондон, каде еднособен стан во центарот чини 2.732 евра месечно. Во Женева, Амстердам, Цирих и Даблин кириите надминуваат 2.000 евра, додека најевтино е во Атина со 595 евра и Истанбул со нешто под 900 евра.

Колкав дел од платата оди на кирија?

Најповолен е односот во Женева, каде киријата „појадува“ само 29% од просечната плата. Следат Франкфурт и Луксембург со 34%, а потоа Цирих, Хелсинки и Виена со околу 35-38%.

Најлошо е во Лисабон, каде киријата изнесува дури 116% од просечната плата, што значи дека граѓаните не можат да си дозволат да живеат во својот град без да позајмуваат или да имаат дополнителен приход. Истанбул следи со 101%, а веднаш зад него се Лондон (75%), Мадрид (74%), Барселона (74%) и Милано (71%).

Повеќе од половина од месечниот приход се троши на кирија и во Рим (65%), Даблин (62%), Атина (57%), Варшава (56%), Прага (54%) и Будимпешта (52%).

Колку останува по плаќањето кирија?

Најмногу пари по плаќањето кирија остануваат во швајцарските градови: во Женева дури 5.174 евра, а во Цирих 4.638 евра. Значителен вишок бележат и Луксембург (3.725 €), Франкфурт (2.726 €), Копенхаген (2.421 €), Амстердам (2.194 €), Осло (2.140 €) и Хелсинки (2.021 €).

На другата страна, во Лисабон просечната плата не ја покрива ни киријата – остануваат минус 202 евра, додека во Истанбул фалат 13 евра.

Според ОЕЦД, урбанизацијата и растот на популацијата создаваат дополнителен притисок врз цените, а проблемот со недостапно домување се заканува да прерасне во социјална криза. Европските институции веќе подготвуваат политики за пристапно домување, но граѓаните веќе одамна чувствуваат дека покривот над глава станува луксуз.

Извор: EUpravozato.rs