Ќерката што ја наслика песната на својот татко

Добивај вести на Viber

Понекогаш инспирацијата не доаѓа од далеку. Таа е во домот, во споменот, во гласот на таткото кој некогаш напишал стих што одекнува низ годините.

Токму така започнува приказната на уметницата Ана Митевска, чии нови дела се родени од песната „Во облак сонце“. Стиховите се на Драган Михајловски, нејзиниот татко, познат сценарист и новинар, човек кој со зборот го обликувал јавниот дух на едно време. Музиката е на Константин Икономов, аранжманот е на Илија Пејовски, а маестрално ја отпеа Маја Оџаклиевска.

Песна, победничка на „Скопски фестивал“ вои 1974 година, химна на едно време исполнето со верба, нежност и човечност.

Повеќе од пет децении, повторно оживува. Современата верзија, со аранжман на Александар Митевски и интерпретација на Ана Петановска, станува мост помеѓу три генерации.

Таа е сржта и инспирацијата за самостојната изложба на уметницата Ана Митевска, насловена „Надеж - светлина низ темнината“, која ќе биде отворена на 17 ноември во Младинскиот културен центар - Скопје, под кураторство на Јасминка Намичева.

Овој проект е повеќе од визуелна поставка. Тоа е уметничко патување што ги спојува личното и колективното, минатото и сегашноста, тишината и звукот.

Музиката во овој контекст станува мост меѓу три времиња и три уметнички гласа Драган Михајловски, Ана Митевска и Ана Петановска, обединети во една тивка, но силна порака: добрината, љубовта и светлината никогаш не згаснуваат.

Во делата на Ана Митевска, темнината никогаш не е крај, туку предуслов за раѓање на светлината.

С.А.Н