Балканската Лапонија е подготвена да ги пречека првите туристи: Македонските граѓани се подготвуваат за туризам на најубавиот божиќен базар во наша близина
Иако календарски празниците се уште се далеку, Солун веќе го облекува своето новогодишно руво.
Уште на почетокот на ноември, центарот на градот е разубавен со светилки, лампиони и блескави декорации кои најавуваат дека Божиќната и новогодишната магија пристигнува порано од очекуваното.
Главните улици, плоштадот „Аристотелус“ и излозите на најпознатите продавници веќе се претворени во вистинска зимска бајка.
Градот блеска во топли бои и празнична светлина, а локалните медиуми најавуваат дека оваа година Солун ќе понуди уште побогата програма за туристите и граѓаните – од божиќни базари и улични концерти до новогодишни настани и гастрономски фестивали.
На социјалните мрежи веќе кружат фотографии и видеа објавени од туристи и љубители на градот, меѓу кои и бројни македонски граѓани кои со воодушевување го следат празничното разубавување.
Поради географската близина и препознатливата медитеранска атмосфера, Солун со години е една од омилените дестинации за македонските патници кои ја дочекуваат Новата година токму таму.
За жал, последниве неколку години, Скопје сè потешко успева да ја пренесе празничната магија на своите улици.
Главниот град сè поретко наликува на новогодишна метропола, па прашањето останува: дали годинава скопјани ќе ја почувствуваат магијата дома или пак ќе мора да патуваат до соседниот Солун за вистинска празнична атмосфера?
Едно е сигурно – Солун веќе е подготвен да ги пречека првите туристи и да ја отвори сезоната на блескавите празници.