Кога Македонец му се обрати на синот на германски, решив доброволно да ги учам македонски јазик децата на доселениците во Виена: Катерина Нусдорфер за Женски магазин
Ако планирате да ја посетите Виена, престолнината на Австрија, за неа ќе дознаете и преку турите кои ги води скопјанката Катерина Нусдорфер (43) родена Пејовска, која во овој град живее од 2007 година. Таа организира тури за посетители за кулинарските благодети на Виена. Ќе ја пробате захер тортата и австриската штрудла, минијатурните слатки наречени Сиси Фајлхен, кои се продаваат во мали кутии, специјално правени од листовите на темјанушка, за Сиси, сопругата на австрискиот цар Франц Јозеф.
Катерина е магистар по меѓународна економија, а моментно ги подготвува докторските студии по антропологија на храна.

-Во последните 5-6 години, главна работа ми беше водење на академски кулинарски тури за австриска, виенска и хабзбуршка кујна. Имам издадено и низа акедмски трудови и авторски текстови на тема култура и антропологија на храна, вклучително и енциклопедиски текстови за брза и улична храна во Македонија и на Балканот. Но, поради пандемијата, во моментов сум речиси без работа, освен што предавам англиски и корпоративна култура и комуникација– вели Катерина.

Љубовта кон сопругот кој по потекло е од Салцбург, била причина да ја засака Австрија и да ги открива нејзините убавини.
-Поради работата на мојот сопруг почнавме да живееме во Виена и тука останавме. Родители сме на една ќерка која има девет години и заврши трето одделение. Се вика Ленка, на баба и. Од мала и зборував само на македонски. Таа сега течно зборува германски и англиски јазик. Иако го разбира македонскиот јазик, моја желба беше да научи да чита и да не прави грешки – посочува таа.
Љубовта кон Македонија, нашиот јазик, култура и традиција, вели дека ќе бидат вечни. Освен на својата ќерка, оваа љубов сакала да им ја пренесе и на децата од доселениците во Виена. Си поставила цел - да ги собере во групи и да ги научи да зборуваат македонски јазик.

- Афродита Несторовска, важи за нулта точка, за биг бенг почетокот, за алфа и омега за сите Македонци во Виена. Со неа се запознав пред неколку години. Ми помогна во едно истражување за докторските студии. Пријателството со неа ме внесе во светот на преубави луѓе, Македонци кои дошле тука за работа, студии, од љубов и останале. Некои оформиле и семејства. На една нејзина забава пред две години, бев изненадена кога татко на детето му се обрати на германски, иако и тој и неговата сопруга се Македонци. Предходно за мојата желба зборував и со Илија Бадевски. Во тој миг сите коцки се склопија – открива Нусдорфер.
Пандемијата ги спречила нејзините планови. Сепак нашла решение. Ја оформила фејсбук групата, „Кокичиња“. За три дена се пријавиле 70 членови – родители.

-Имам завршено англиски јазик и книжевност, наставна насока, предавам англиски, македонски и хрватски и имам искуство со таа работа. Почнав да држам часови по македонски јазик на Зум. Во почетокот направивме 4 групи. Но, за најмалите до 3 години, решивме да ја одложиме откако ќе можеме да се среќаваме во живо. Во моменотов ги водам „Ластовички“, за деца на предшколска возрасти „Пеперутки“ , од прво до четвртоодделение. Ја поминавме азбуката, сега читаме, учиме историја и географија, култура на Македонија, музика, фолклор, театарски претстави. Секој четврток кога имаме часови, бликам од среќа. Си ги нареков „серотонински часови“.
- Пред извесно време дел од децата беа кај мене дома и учевме да правиме кифлички. Рецептот им го диктирав а тие го напишаа на кирилица со големи, печатни букви - вели Катерина.

На почетокот помош и понудила Ана Страшевска, која е наставничка по македонски јазик. Таа ја води тинејџерската група, „Бисери“. Откако ќе олабават мерките, со родителите на децата планираат да најдат свој простор и да оформат постојано катче, со библиотека, оддел за детски активности, квизови за возрасните, претстави. Со надева на помошта од чланарина или на некои субвенции од Виена.

-За статутот ми помогна Марија Милчин. Катчетото ќе се вика „Ркулци“ и сега треба само да ги поднесам документите. Часовите, секако, ги одржувам бесплатно. Не ги наплаќам дури и кога сум без работа. Ова го правам од преголема љубов за Македонија, македонската култура и македонскиот јазик и веќе имам визија за тоа каде ќе биде здружението во следните 5 или 10 години. Ентузијазмот ми е на максимум. За жал, од амбасадата на Македонија немаме никаква поддршка. Но, нема да прифатам никаква помош која ќе биде поврзана со некаков документ на којшто ќе стои неуставното име на Република Македонија – заклучува Нусдорфер.

Соња Алексоска Неделковска