Кои се нaјкратките бракови и зошто жените се поголеми иницијатори за развод: Адвокатката Катерина Котеска Стисниовска за патот од љубов до судница

Разводите се почеста појава и бележат зголемување. Како пример во 2023 година бројот на разводи бележи зголемување од 9.4 % во споредба со 2022 година и изнесува 1765 разведени брака, согласно официјалните податоци на Заводот за статистика на РСМ.
Водејќи се од сопственото професионално искуство адвокатката Катерина Котеска Стисниовска посочува дека иницијатори за развод на браковите во поголем број се жените, а дел од причините се нарушените односи до степен на неподносливост, оддавање на алкохол, коцка и брачно неверство.
-Жените во денешно време се иницијатори во поголем број бидејќи стануваат се поситуирани како резултат на еднаквиот пристап кон образованието и вработувањето. Станувајќи самосвесни, ги рушат предрасудите дека жената мора да биде послушна и покорна и да поминува низ секакви тортури за да го зачува бракот, кој мора да биде објект на чување и заштита и од страната на мажите подеднакво. Трендовите јасно им покажуваат дека мора да ја напуштат балканската стигма дека жената без мажот не може да се снајде во општеството и паралелно со жената да го градат бракот преземајќи ги обврските околу домот и децата – вели адвокатката и дополнува дека не треба да се сфати дека жените во денешно време не сакаат да бидат во брак, туку дека сакаат квалитетни партнерски односи, а нивната подеднаква положба во општеството им дава право на избор.
Котеска Стисниовска работи како самостоен адвокат од 2013 година, а во адвокатурата е од 2002 година. Магистар е на правни науки на тема постапување на институциите во случаевите на семејно насилство. Докторант е на Правен факултет-Битола.
-За жал кога сепак ќе дојде до развод, настануваат доста емотивни ситуации и од двете страни. Затоа што разводот како процес на разделба, психолошки претставува предизвикувачко тешка состојба. Во овој периодот, а по донесената цврста одлука за развод, моја препорака до двете страни кои се разведуваат е да останат што по разумни и да се насочат кон иднината, а не кон гневот кон минатото кое довело до развод. Ниту едната, ниту другата страна нема да имаат корист од враќање во минатото преку расправии, создавајќи си стресни ситуации, себе си , а особено на децата кои најчесто ги има како индирекно засегнати субјекти во разводот –вели адвокатката и советува партнерите кои се разведуваат треба да донесат зрела и исправна одлука кај кого да припаднат децата на чување, воспитување и делумно издржување.
- Да направат се што е во нивна можност да го минимизираат стресот кај децата и најважно да се трудат да им обезбедат квалитетна егзистенција. Поддеднакво да размислуваат за нивната иднина од материјален и финансиски аспект. Треба да се насочат кон создавање на квалитетни услови за школување и обезбедување на децата. Двата родители подеднакво да учествуваат со сите свои расположливи средства, а не да ја користат издршката - алиментацијата како изговор дека даваат за децата. Најкратките бракови, во мојата кариера се на двојките кои по долга врска , под притисок од околината, стапиле во брак. Откако почнале да живеат заедно се чувствувале како под казна, бидејќи помеѓу нив не постоела љубов и потреба еден од друг, туку само навика да ја задоволат околината со своето однесување. Во овие случаеви најстрашно е што ќе добијат и дете – открива адвокатката.
Според Котеска Стисниовска бракот не треба да се склучува на определена возраст, туку тогаш кога брачните партнери ќе се почувствуваат подготвени за тој чекор.
-Исто така не треба да се остане во брак без љубов и хармонија , а особено не доколку личноста се сменила или пак не сакала да се смени, а било потребно поттикнати од напредно и просперитетно движење . Двајца брачни партнери, на пример , не можат да останат заедно после неколку години, доколку еден од нив напредува и стекнува материјални добра, а другиот е индиферентен и незаинтересиран ни за напредок, ниту за помош, па се претвара во товар. Исто така еден брак не може да продолжи доколку брачните партнери ја изгубиле близината за комуникација, па дури и почнале одделен живот – советува адвокатката.
Соња Алексоска Неделковска