„Летни, лесни, читливи, машки, женски, детски“- препораки за книги кои можете да ги читате на плажа

Летото е период кога се летните одмори и луѓето имаат повеќе слободно време. Во слободното време, читањето книги е една од омилените активности на многумина.
Луѓето наоѓаат мир и спокој во читањето книга покрај плажа. Поради поврзувањето на читањето книги како активност на слободното време, а слободното време со летните одмори, помеѓу луѓето се изроди популарен назив „летни книги“. Ја прашавме уредничката на издавачката куќа „Арс Ламина“ Татјана Димовска - Атанасова, дали во литературата и во книжевната критика се користи овој назив и дали реферира на конкретна категорија книги, или тоа е само популарен назив кој на уредниците не им значи ништо.
-„Летни книги“ е еден вид категорија на романи со сезонски карактер. Не станува збор за жанр, ами за летна маркетиншка кампања за читање одреден вид наслови. Токму темата, локацијата на која се одвива дејството, насловот на изданието и дизајнот на корицата се главните карактеристики на една „летна книга“, истакнува таа и додава дека
Најчесто станува збор за романи од жанрот романси - лесни и лежерни приказни што не оптоваруваат и што се идеални за читање на плажа. Овој жанр и сите негови поджанрови имаат рекордна продажба во светски рамки. Издавачката куќа „Арс Ламина“ следејќи ги трендовите, но и пулсот на домашната публика, постојано ја збогатува понудата на „летни книги“ со нови и возбудливи љубовни приказни што на читателите ќе им го разубават периодот за одмор и за релаксација.
Ја прашавме и кои се нејзините препораки за наслови за оваа лето, подредено по возрасни категории, но и книги за мажи и жени, со оглед на тоа дека постојат жанрови кои повеќе публика наоѓаат помеѓу жените, односно помеѓу мажите.
Од богатата издавачка продукција на „Арс Ламина“ би издвоила три книги кои се идеални за летно читање. „Само ова лето“ од Аби Хименез е забавна и емотивна романса што ги спојува Џастин – момче со „љубовно проклетство“ – и Ема, девојка со слична судбина, во летна авантура што започнува како договор, а завршува како вистинска љубов, вели Татјана Татјана Димовска - Атанасова.
„Едно лето во Италија“ од Ребека Серл е нежна приказна за тагата, љубовта и чудесната врска меѓу мајка и ќерка. Кети тргнува сама на патување што требало да го сподели со мајка си – и, на чудесен начин, повторно ја среќава. Ова е роман за збогувањата што не се засекогаш и за животот што продолжува таму каде што најмалку го очекуваме.
Во „Лето како во Мама миа“ од Ени Робертсон, главниот лик Лорел решава да ја напушти својата „безбедна зона“ – и да тргне по патот на авантурата. Инспирирана од АББА и „Мама миа“, таа заминува за Скопелос, каде што ја очекуваат медитеранска магија и нови пријателства. Ова е совршен летен роман за храброста да се послуша срцето.
Преку летото, мажите најчесто читаат трилери, шпионски романи и мемоари – книги со динамично дејство, возбудливи пресврти и силни карактери. Овие жанрови нудат бегство, адреналин и авантури и се идеални за опуштено читање на плажа.
Кога станува збор за децата, изборот на летно четиво зависи од нивната возраст и нивото на читачки вештини. Најмалечките, кои се во фазата пред описменување, најчесто избираат сликовници, боенки и книги со активности и лепенки што придонесуваат за развој на нивната фина моторика и поттикнување на когнитивните способности. Поголемите и веќе верзирани мали читатели се решаваат за возбудливи авантури и мистерии од типот на серијалите „Исидора Мун“, „Мирабела“, Тото – мачката нинџа“ и „Шерлок Холмс за деца“. Летото исто така е период за читање лектири така што нашата едиција „Летно читливи лектири и читанки“ е една од најактуелните во текот на оваа сезона.
Чест израз е и летна книга, во асоцијација со лесна и читлива книга. Но дали навистина постојат „лесни“ и „тешки книги“ како што обично ги среќаваме во називите помеѓу читателите, но Татјана Димовска - Атанасова вели дека секој избор е поврзан со индивидуален читателски афинитет.
Изборот на летна книга зависи од читателските афинитети. Мнозинството читатели во летниот период се решаваат за лесни, забавни и романтични приказни, но има читатели чиј избор се други комерцијални или помалку комерцијални наслови. Во тој контекст, би ја споменала популарната едиција „Шелф хелп“ што содржи книги за самопомош, мотивација и личен развој. Летото, освен за одмор и релаксација, е период кога интензивно и со ладна глава ги преиспитуваме своите одлуки, бараме нови предизвици и работиме на себе проектирајќи си визија за личен раст и развој. Овие книги се практични водичи со лесно апликативни методи, техники, алатки и стратегии што на читателот ќе му помогнат да унапреди различни аспекти од својот живот.
Постои категорија читатели кои дури и во текот на летото ужива во дела од класичната литература или, пак, се решаваат за книги со сериозни книжевни вредности од домашни автори.
Кога говориме за книги, мислиме на книги во различни жанрови. Некој жанр ни се допаѓа повеќе, некој помалку, популарноста на жанрот зависи од многу општествени фактори, покрај индивидуалните вкусови на читателите. А еве кои жанрови ќе бидат популарни оваа лето.
Романсите се водечки жанр кога станува збор за изборот на летно четиво за на плажа. Нивната популарност се должи на бројните поджанрови кои, пак, дополнително генерираат нови категории книги. Овој жанр има најголем генерациски и тематски опфат и е под силно влијание на социјалните платформи како Тикток, Инстаграм и ТВ-сервисот Нетфликс. Силна логистичка поддршка се и книжевните поткасти во кои се избира книга на месецот што дополнително ги зголемува интересот и продажбата на овие книги, вели таа за „Женски магазин“.
Конкретно кај нас, освен современа романса и чик лит, особено популарен поджанр за летно читање е историската романса. Станува збор за љубовни приказни што најчесто се случуваат во прилично драматични околности (Прва или Втора Светска војна, на пример) и во кои се нотираат општочовечки вредности како храброст, истрајност, верба, љубов, пријателство итн. Во таа смисла, би сакала да ги препорачам следните новитети од „Арс Ламина“: „Ќерките на лорд Вестерам“, „Лека ноќ, Ајрин“ и „Тајната книга на Флора Лиа“, завршува Татјана Димовска - Атанасова.
М.С.К