Мајка, главен готвач во градинка и уметница на маса: Како Наташа од Радовиш готви со љубов за децата

Наташа од Радовиш е жена која со својата енергија, љубов кон храната и креативност го освоила срцето на многу семејства во својот град. Мајка на две деца, главен готвач во три градинки и уметничка на маса — таа секојдневно го спојува корисното со убавото, создавајќи оброци кои не се само хранливи, туку вистинско визуелно доживување за најмалите.
„Љубовта кон готвењето ја стекнав уште како девојче. Со радост ѝ помагав на мајка ми во кујната и се воодушевував на тоа како неколку едноставни состојки се претвораат во нешто толку вкусно и прекрасно. Со текот на времето, готвењето стана мој начин на изразување и создавање радост. Она што ме мотивира најмногу е моментот кога ќе видам насмевка на нечие лице поради тоа што сум го подготвила,“ раскажува Наташа со топлина во гласот.
Готвењето за деца — одговорност и креативност во едно
Работата со деца е голем предизвик, особено кога станува збор за нивната исхрана.
„Најтешко е да се најде баланс меѓу тоа што е здраво, безбедно и она што ќе им се допадне на децата,“ објаснува таа. Наташа секогаш избира сезонски свежи намирници — овошје и зеленчук со висок квалитет и без вештачки додатоци.
„Свежината е клучна за да се зачуваат хранливите вредности и природниот вкус. Секогаш се трудам храната да изгледа убаво, бидејќи децата прво јадат со очите,“ вели таа.
Декорацијата на оброците за најмалите е уште еден дел од нејзината магија. „Често се инспирирам од боите и текстурите на сезонските намирници. Природата сама по себе ни нуди најубави комбинации. А кога се работи за родендени, свадби или корпоративни настани, се трудам секој детаљ да го прилагодам на темата и желбите на клиентите“, споделува Наташа.
Мајстор за здрава и визуелно привлечна храна
За Наташа храната е многу повеќе од вкус. „Храната е визуелно и емоционално доживување. Секој оброк е приказна што ја раскажуваме на нашите гости,“ додава таа. Инспирацијата често ѝ доаѓа од културата, уметноста, па дури и од модата — сè што може да разбуди креативност.
За подготовката на храна за деца до една година, таа има посебен пристап. „Секогаш готвам во строго хигиенски услови. Храната мора да е свежа, природна, без конзерванси, и со текстура соодветна на возраста — мека, лесна за џвакање и голтање. Балансот во оброкот е многу важен: разновидни намирници кои го поттикнуваат здравиот развој — зеленчук, житарици, протеини и здрави масти. Но, најважната состојка е љубовта и трпението“ порачува Наташа.
Трикови за родителите и совети од искуство
„Многу е важно децата од мали да се научат да сакаат зеленчук и овошје. Затоа секогаш се трудам тие намирници да бидат весели, шарени, сечени на интересни форми. Ги вклучувам децата во подготовката на храната — кога тие учествуваат, со поголемо задоволство пробуваат нови вкусови,“ објаснува таа.
Наташа им препорачува на мајките да се фокусираат на природни и едноставни намирници.
„Не е потребно комплицирано готвење. Најздравото е наједноставното — свежо овошје и зеленчук, интегрални житарки, квалитетни протеини и здрави масти. Преработената храна и вишокот шеќер треба да се избегнуваат. И секако — заедничките оброци и подготовка ги зближуваат семејствата.“
Креативност и организација — клучот за успех
Наташа успешно го балансира својот динамичен живот.
„Работата со кетеринг и декорација бара внимание на детали и добра организација. Затоа секогаш планирам однапред и си ги распоредувам обврските според приоритети. Голема мотивација ми е задоволството на клиентите и тоа што учествувам во создавање на незаборавни моменти,“ вели таа.
Во иднина, Наташа сонува да продолжи да се развива и да го усовршува својот талент во кетеринг и декорација.
„Секој проект го доживувам како нова можност да учам и да дадам максимум. Верувам дека кога работиш со љубов, успехот и исполнувањето се природен резултат,“ завршува таа.
Совет за сите родители:
„Бидете пример за своите деца. Покажете им дека здравата храна и активниот животен стил се радост, не обврска. Малите промени се најодржливи — направете ја храната забавна, подготвувајте ја заедно и уживајте во секој заеднички оброк.“
Ирена Ставрова