Македонци, внимавајте: Без овие документи не можете да излезете од државата

Добивај вести на Viber

Тргнавте на патување, но го заборавивте пасошот? На граница се сетивте дека не сте го понеле со себе. За да не се најдете во ваква ситуација, ве потсетуваме на време да си ги подготвите личните документи и документите потребни за вашиот автомобилот, кои исто така може да ви ги побараат на граничната контрола.

Сè почесто македонските граѓани се соочуваат со непријатни изненадувања на граничните премини – од одбивање за излез, до враќање назад поради недостаток на основни патни документи. Иако патувањето во странство е сè почесто, сè уште постојат нејаснотии околу тоа што е задолжително да се има при преминување на македонската граница.

Во продолжение, детално ги објаснуваме документите без кои не можете да ја напуштите Македонија, како и неколку чести грешки кои може да ве чинат одложено или откажано патување.

ОСНОВНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПАТНИКОТ:

*Лична карта или пасош

За во Србија, Косово и Албанија, макеоднските граѓани границата може да ја преминат само со лична карта, додека за соседните Грција и Бугарија задолжителен е биометрискиот пасош.

*Зелена карта (Green Card) за автомобил

Меѓународен документ за осигурување на возилото. Зелениот картон е задолжително осигурување кое гарантира дека, во случај на сообраќајна несреќа предизвикана од вашето возило, осигурителната компанија ќе ја покрие штетата на трето лице во земјата каде се случила несреќата.

Важноста на Зелениот Картон е поврзана со траењето на полисата за автоодговорност, што значи дека неговата важност престанува со нејзиниот истек. Цената на Зелен Картон се определува според јачината на моторот на патничкото возило.

-Патничко возило до 66 KW на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 KW за една година е 5.536 денари.

-Патничко возило до 66 KW за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 KW e 3.075 денари.

*Сообраќајна дозвола (сообраќајна книшка)

Документ за регистрација на возилото – задолжителен на граница.

*Меѓународна возачка дозвола

Меѓународната возачка дозвола се издава согласно со Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата, усвоена на 8 ноември 1968 година во Виена. Согласно билатералните договори на нашата држава, меѓународна возачка дозвола не е потребна за следните држави: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Косово, Србија, Црна Гора и Шпанија.

Во сите други земји, меѓународната возачка дозвола е задолжителен документ. Важноста на овој документ е 3 години, но со истекот на важноста на националната возачка дозвола истекува и важноста на меѓународната возачка дозвола.

*Полномошно (доколку не си сопственик на возилото)

Ако возиш автомобил кој не е на твое име (сопственост на друг, фирма и сл.), мора да имаш полномошно од сопственикот заверено на нотар, дозвола за користење на возилото во странство.

*Препорачливо (но не задолжително):

-Патничко здравствено осигурување – не е задолжително, но силно се препорачува.

-Резервација за сместување – не се бара на граница, но може да се побара во внатрешноста од полиција.

-Доказ за финансии – ретко се проверува при патување со автомобил, но за подолг престој може да се побара.

СОСТОЈБА НА ВОЗИЛОТО:

-Провери дали возилото е технички исправно – вклучително и резервна гума, триаголник и рефлектирачки елек (во некои држави е задолжителен).

Провери дали се плаќа патарина и дали има еколошка винета (на пр. во Бугарија).

ПОСЕБНИ НАПОМЕНИ ПО ЗЕМЈА: 

ГРЦИЈА

*Задолжително биометриски пасош.

*Зелена карта.

*Без патарини на граница, но има внатрешни автопат патарини.

СРБИЈА

*Лична карта или пасош.

*Зелена карта задолжителна.

*Патарини на автопатиштата.

БУГАРИЈА

*Задолжително биометриски пасош.

*Зелена карта задолжителна.

*Задолжителна е винета (може да се купи онлајн или на граница).

АЛБАНИЈА

*Доволна е лична карта.

*Зелена карта задолжителна.

*Нема винети, но има патарини.

**Ако патувате со деца, потребен е пасош или лична карта за секое дете. Ако едниот родител не патува, потребна е и согласност (полномошно) заверена кај нотар.

Фото: Freepik.com
РЖМ - Г.Д.Г