Македонците навалија на грчките плажи: На Богородица утрово вриеше од возила, да се искористи продолжениот викенд
Продолжениот викенд во земјава поради денешниот празник Задушница, кој ќе трае три дена, беше добар повод огромен број граѓани од земјава да заминат на некоја од грчките плажи.
Некои од граѓаните можеби сега почнуваат да го користат годишниот одмор.

Од утрово можеше да се забележи метеж на граничниот премин Богородица - Евзони со Грција.
Читатели за Фактор испратија фотографии од кои се гледа големиот број возила кои мораат да чекаат и до еден час за влез кај нашиот јужен сосед.
Топлото време кое се најавува за сите денови од продолжениов викенд, измамија многумина да се решат да заминат во Грција.
Инаку, грчките власти најавија дека за влез во таа држава нема да е потребен ПЦР тест, туку само брз тест, а се разбира, влез ќе биде возможен и за вакцинираните граѓани.