Македонија е една од ретките земји каде жените може да раѓаат и без менструација: Соња (57) стана мајка благодарение на нашите експерти и законите

Добивај вести на Viber

Во регионалните медиуми неодамна се појави приказна која предизвика бројни реакции. Станува збор за брачниот пар Марко (69) и Соња (57) од Црна Гора, кои по пат на ин витро оплодување (IVF) во приватната болница „Аџибадем Систина“ во Скопје добиле дете. 

Она што го прави случајот особено впечатлив е фактот дека жената нема менструален циклус со години, но сепак успеала да износи бременост благодарение на современи медицински техники и законската регулатива во Македонија.

Што е витрификација и како функционира

Клучниот медицински термин во оваа постапка е витрификација – техника на брзо замрзнување која овозможува зачувување на јајце клетки или ембриони без да се оштетат нивните структури. Подоцна, тие ембриони се одмрзнуваат и се пренесуваат во матката.

Во случај на жени кои немаат сопствени јајце клетки или се во менопауза, се користи донорски материјал. Преку оплодување на донаторска јајце клетка со сперма од партнерот, во лабораториски услови се создава ембрион, кој потоа се внесува во матката на жената. За ова да биде успешно, матката мора претходно да се подготви со хормонска терапија (естроген и прогестерон), која ја симулира природната средина и овозможува развој на ендометриум погоден за имплантација. Според Американското здружение за репродуктивна медицина (ASRM) и Европското здружение за човечка репродукција и ембриологија (ESHRE), ова е стандардна и прифатена практика во современата репродуктивна медицина.

Законска рамка во Македонија

Она што ја издвојува Македонија од многу други земји е законската рамка. Според Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, донесен од Министерството за здравство, во државата е дозволено користење на донаторски јајце клетки и ембриони, како и увоз на репродуктивен материјал. Во регулативата не постои јасно утврдена горна возрасна граница за жените кои сакаат да ја користат оваа постапка. Тоа овозможува дури и жени без менструален циклус, односно постменопаузални жени, да можат да станат мајки ако нивната здравствена состојба го дозволува тоа.

Фондот за здравствено осигурување нуди поддршка за одредени категории пациенти, но најголем дел од ваквите постапки се вршат приватно, токму во болници како „Аџибадем Систина“.

Медицинска пракса во Систина

Болницата „Аџибадем Систина“ во Скопје има сопствен Центар за асистирана репродукција. Таму се применуваат методи како замрзнување и одмрзнување на јајце клетки и ембриони, донорски програми за јајце клетки и сперма, како и ембриотрансфер кај жени што не можат да произведат сопствени јајца.

Како што наведуваат од клиниката, благодарение на современите лабораториски методи и индивидуално приспособена хормонска терапија, можно е да се изведе ембриотрансфер и кај пациентки кои со години немаат менструален циклус. 

Тоа е потврдено и од меѓународни студии, кои покажуваат дека матката може да се подготви за бременост дури и по природната менопауза, доколку жената е во добра здравствена состојба.

Граѓанските здруженија ја поздравуваат иницијативата за замрзнување на јајце клетки

Здружението „До бебе по пат на ин витро“ ја поздразува одлуката на малдите жени да ги замрзнуваат своите јајце клетки. Според нив повеќе млади девојки треба да се охрабрат на оваа одлука, бидејќи како што истакнуваат постојат повеќе оправдани причини за тоа:

Замрзнувањето на јајни клетки е добра опција доколку не сака една жена да остане трудна во своите дваесети или рани триесети години кога нејзиниот репродуктивен капацитет е на највисоко ниво, а е сигурна дека сака да се реализира како родител во подоцнежните години, 40-ти или дури и 50-ти. 

Македонија денес претставува една од ретките земји во регионот каде постапката со витрификација на донаторски ембриони и нивен трансфер е легално дозволена дури и за жени кои одамна ја поминале менопаузата. 

Приказната за Марко и Соња од Црна Гора само ја потврдува оваа реалност и ја става државата на мапата на медицински центри каде границите на биолошкото мајчинство се значително проширени.

М.С.К / Мета