Македонски доктор прв во светот со револуционерен метод: Успешната приказна на Д-р Иво Бошкоски

Добивај вести на Viber

Во престижната болница „Џемели“ во Рим, која е во сопственост на Ватикан и каде се лекуваат папите и кралските семејства, е забележан медицински подвиг со потпис од Македонија. Д-р Иво Бошкоски, истакнат ендоскопист со долгогодишна кариера во Италија, стана првиот доктор во светот што воведе иновативен метод за слабеење преку гастроскопија, со кој успешно се блокира хормонот на глад.

Методот, кој веќе покажува извонредни резултати, овозможува пациентите да изгубат до една третина од телесната тежина. Станува збор за револуционерен пристап кој, преку таргетирање на делови од желудочната слузница, го намалува лачењето на грелин – хормонот одговорен за чувството на глад.

Пред само неколку дена, д-р Бошкоски за првпат во светски рамки користеше сонда од најновата генерација „Мовива“, токму во болницата „Џемели“. Новата технологија овозможува побрзо и поефикасно „горење“ на дел од желудочната површина, што директно влијае на регулирање на апетитот и метаболизмот.

Роден во Тетово, образован во Македонија, д-р Бошкоски со години гради успешна интернационална кариера, и денес важи за еден од водечките ендоскописти во Европа. Покрај клиничката пракса, активно работи на едукација и обука на млади доктори, вклучително и од својата матична земја.

Фото: МИА