Моќниот глас на Нина адут за пласман во финалето на Евровизија и на еден Македонец

На втората полуфинална вечер на Евровизија, која ќе се оджи вечерва во Базел, Швајцарија, ќе се натпреваруваат 16 земји.
Меѓу нив и претставничката на Црна Гора, Нина Жижиќ со песната „Добродошли“. Аранжманот и продукцијата се дело на нашиот Дарко Димитров, кој во изминативе години оствари успешна интернационална кариера. Димитров престојуваше една недела во Базел, кога се одржуваа пробите на учесниците.
-Многу е убава атмосферата во Базел и на сцената и надвор од неа. Пробите на Нина поминаа одлично. Таа е фантастичен вокал и има одличен сценски настап. Иако според кладилниците не е меѓу Топ 10, сметам дека може да изненади. Црна Гора е мала држава и има мала дијаспора. А за пласман во финалето решаваат само гласови од публиката. Така беше и со нашата евровизска претставничка Тамара Тодевска, која со „Proud“ освои најголем број гласови од жирито, а многу помалку од публиката. Има силна конкуренција. Мислам дека вечерашниот сценски настап ќе биде од пресудно значење и дека Нина со вокалот ќе ги плени сите - вели Димитров кој бил дел и од евровизски делегации од повеќе земји.
Виза за полуфиналето ќе се обидат да добијат и претставниците на Австралија, Ирска, Летонија, Ерменија, Австрија, Обединетото Кралство, Грција, Литванија, Малта, Грузија, Француска, Данска, Чешка, Луксембург, Израел, Германија, Србија и Финска. МРТ ќе врши директен пренос од настанот кој почнува во 21 часот. Коментатор е Александра Јовановска.
Во првата полуфинална вечер се пласираа Норвешка, Албанија, Шведска, Исланд, Холандија, Полска, Сан Марино, Естонија, Португалија и Украина.
С.А.Н