Музичарите и диџеите лути на Владата продаваат опрема и се позајмуваат за да преживеат: Пловите на скапите јахти, а нас нè пуштивте низ вода

Добивај вести на Viber

Музичарите и диџеите се револтирани од одлуката на Владата која дозволи музика во живо да да има само на свадбите. Музичарите кои не свират свадби, преку Здружението за унапредување на правата на музичарите – ” Музика сега ” денес најавија протест со почеток од 12 часот пред Владата.

Бараат да се укине мерката за тоа музика да има само на свадбите, бидејќи како што велат се дискриминирани оние музичари кои не свират свадби, а освен музичарите, погодени се и диџеите.

Познатата диџејка и водител со долгогодишен водителски, новинарски и диџеј стаж, Вера Јанковиќ вели дека на почетокот на пандемијата ѝ било важно само да преживее, а сега вели дека е дојдено до фаза каде што од музиката која не може да ја пушта, на неа и на нејзините колеги им зависат животите.


-Од каде само да започнам ,од почетокот, или од крајот, или пак некаде измеѓу, во некоја нова категорија во која се најдов и јас???!!! Еве, нека биде школски ,од самиот почеток!!!Си реков себеси, не бери гајле, не си ти виновна за оваа светска белја, не си ја предизвикала, ќе помине с, за година две, ќе пробаш да ме пронајдеш...(се повикав на говорот на музиката). Ги броев деновите кога рефлекторите повторно ќе нè огреат на сцената!!!Важно беше да преживееме, имало војни, пандемии, несреќи...луѓето ја виделе светлината на денот. Дисциплинирани , со сигурност тврдам, нај ,во секој поглед, го спасивме градот и државава не само со својата музика, туку и со својата посветеност на мерките од кои ни зависат ЖИВОТИТЕ!!! За жал,некои  возеа на полна линија, јадеа дооста мрсно, ние , ете ,„глодали смо кости дивљих животиња“ ...подоцна се задоволивме со корки, сега веќе сторени во трошки на трпеза!!! Убави ,златни деца, нè пуштивте низ вода, заборавивте дека сме артеријата на градот ,пловејќи така безбедно на скапите ви јахти!!! И ете ,бидна лето, живи сме, надвор сме, разбудени со крикот на природата..и од оној наш ,внатрешен, оној кој пак ќе ја создаде совршената симфонија наспроти вашата „какафонија!!!“ Дозволете ни да го направиме светот  повторно поубаво место за живеење, во спротивно ќе мора со "сила" да стане такво...ами со сила велат се зима, не се дава!!!! Дајте ни барем да твориме за зимница ,лето е, дал господ сè, „тамо где вечно сунце сја, тамо је Македонија“. Таа ќе ни ја храни душата, напатената, проста душа словенска, уметничка!!! Не сум споделила радост, музика веќе девет месеци, се чудам како ова тело и дух пркоси на апстрактните моменти до кои нè доведовте!!!“, изјави Вера за Женски магазин.

Погоден од оваа состојба е и познатиот музичар Џон Илина Апелгрин,  чиј последен редовен музички настап беше на 14. март минатата година, а од тие приходи кои ги заработува на настапите, Апелгрин го издржува семејството.

-Можам да напоменам дека во ноември и декември настапив со концерти во Македонска филхармонија, а во Септември 2020 кога привремено ни дозволија настапи, имав три. Она што е важно читателите да го знаат е дека музичарите како мене кои живеат од редовни настапи во казина, хотели, ресторани, „кафиќи“ итн. живеат од тие приходи и ги ранат семејствата. Можност да правиме по 4 концерти месечно (концерти се нели дозволени) нема ниеден музичар, особено ако се земе предвид протоколот за 1/3 внатре или 1/2 од капацитетите надвор за публика на концерт. Финансиска оправданост во ситуацијава  за концерти има само доколку е тој поддржан од Министерство за култура или е од државните уметнички институции“, ни изјави Апелгрин кој одговори и на нашето прашање: како музичарите на кои настапите им се единствен приход живеат последнава година и неколку месеци?


-Никако, дел продадоа опрема и инструменти, другите се снаоѓаат со кредити и позајмици, но факт е дека сите немаат ниту пензионери или живи родители кои би помогнале, а имаат свои семејства. Со ваквата политика Владата директно ја убива македонската музика, а со тоа и значаен дел од македонскиот идентитет“, вели Илија.

Вера Јанковиќ пак се повикува на народната поговорка: „Велат кротко јагне од две мајки цица...каква заблуда...ситиот не го верува гладниот, останавме сираци при родители, уникуми за отстрел- „пуцајте,ми још увек држимо час!!!“ Нашата музика стана нечујна!!!Ја нагрдивме најубавата дефиниција за оваа уметност-таа е доказ дека не сме сами на овој свет!!! И што од тоа-поосамени никогаш не сме биле, нит ние нит вие, таа раѓа љубов, живот, надеж ,емоции, социјализации, едукации, со неа светот ни е на дланка!!! Ќе изродиме кисела средина за канцерогени клетки!!! Дома, на еден од ѕидовите ми пишува со кармин- Да се чуваме меѓусебно, ќе си требаме!!! Затоа-МУЗИКА СЕГА!! Да трешти, да рика од болка, бес, среќа ,тага, да го славиме секој ден  од животот, оти тој не е само свадба со 100 сватови, тој не е математика во која главната бројка е 4-4 метри парцела за плес, 4 метри привилегирани музичари оддалечени од гостите кои ни самите меѓу себе не ќе можат да ја занемарат бројката волшебна,за една ноќ... Арно ама тоа што може да нè убие ќе ни направи услуга да го изрикаме најјакиот блуз „за сва времена“ ...секогаш големите љубови се изродиле на ваква емоција, силно ко ракава која се тресе пишувајќи го овој текст.  Заедно сме во овој танц , драги мои!!! Сè беше, е и ќе остане музика!!! Зарем ни треба дозвола за живот? Сеќавања? Звуци ,мириси, ноќи накитени електрицитет кој ги држи во„ канДЈите“ посебните, оние кои ја чуваат од будните... За скоро се визуелизирам себеси во мојот диџејски ќош, моќен, маестрален од кој ќе блика "НОВОТО: реално време!!!“, ни рече Вера Јанковиќ.

Илија Апелгрин вели дека со одлуката музика во живо да има само на свадби се прави страшна дискриминација кон другите музичари кои не свират на совој вид на веселби.

-И тие протоколи се смешни во споредба со протоколите за професии како такси, градски превоз, козметичари, фризери, стоматолози. Зарем се музичарите лепрозни па се потребни 5 метри дистанца од најблиската маса на која седат 6 лица без маски и разговараат. Музичарите поднесоа протоколи за работа уште минатата година. Нив комисијата за заразни болести очигледно сосем ги игнорира и измислува небулози какви што имаме денес. Затоа ќе отидеме на протест пред Влада да го изразиме нашето незадоволство од погребот на македонската музика“, додава музичарот.

Незадоволни од одлуката на владата се музичарите од дуото „ In The Mood“, кои свират блуз во познатите скопски локали.

-Во Скопје не сме свиреле од октомври, лани, нели тогаш воведоа пак забрана.  Мое мислење е дека паралелно со пуштањето на свадбите, требаше да се дозволат и редовни настапи на музичари во угостителски објекти, со оглед на тоа то има голем број на мали музички состави кои што би можжеле да настапуваат во локалите, па и да е во отворениот дел и да делуваат како амбиент на целото место, без нагласок дека веднаш сите оние кои свират, се таму за да прават журки“, ни изјави Никола Петровски, гитирист од  „In The Mood“.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива