На летување – можеби, според нови правила

Добивај вести на Viber

Преполни базени, плажи и туристички автобуси, средни седишта, хотелски минибарови и аеродромски турканици на чек-ин шалтерите – сето тоа може да стане минато во настојувањето на грчката туристичка индустрија да го реизмисли одморот во време на коронавирусот, пишува лондонски „Гардијан“. 

Патувања може да има, но само под специфични нови правила, изјави грчкиот министер за туризам Хари Теохарис, подготвувајќи се за денешните разговори со ЕУ-партнерите за животот во време на Ковид-19.

-Треба да прецизираме нови правила за хотелите, плажите, базените, нови правила за бифињата за појадок, за туристичките автобуси – вели Теохарис со оправдана загриженост, зашто грчката економија е посебно зависна од туризмот.

Какви ќе бидат новите регулативи, барем на територијата на Европа, ќе се знае денеска, по средбата на министрите за туризам на земјите на ЕУ. Здравјето и мерките за заштита ќе бидат високо на агендата. Можноста на патниците да им биде проверувана температурата и да им се прават тестови на крвта, исто така, ќе биде разгледувана.

-Ќе инистирам на основен пакет ЕУ-правила, кои ни се неопходни ако сакаме да ги придвижиме луѓето на патување од една земја во друга по сувоземни патишта, воздух или море. Очекувам привремените правила да имаат економска смисла. Ако, на пример, може да летаат само 10 патници во авион за да се зачува здравствената безбедност, тогаш очигледно нема ни има летови – вели Теохарис.

Глобалниот туризам е меѓу дејностите кои се најпогодени од корона-кризата, влијаејќи на животите на некои 75 милиони луѓе, вработени во оваа индустрија, донесена до згаснување со забраната за патување и затворените граници.

Теохарис проценува дека ова лето Грција би можела да има најмногу третина од минатогодишниот број на туристи. Тоа се смета за оптимистичко очекување. Поради масовните откажувања, Комората на хотелиери на Грција објави дека 65 проценти од нивите членови објавиле банкрот. Но, исто така, нема преголема спремност ни за пребрзо отстранување на забраната за патување, зашто никој не сака да го изложи персоналот на ризик.

И во Македонија туристичкиот сектор поради корона-кризата е во целосен застој. Туристичките агенции се затворени, хотелите празни, угостителските објекти не работат, а промет немаат ни другите услужни дејности кои остваруваат приходи посредно од туристите. Кај нас во овој сектор се вработени околу 20 илјади луѓе.

Планирате летување на Јадран по коронавирусот: Откриено дали ќе има пониски цени