На улицата на Тоше – срам што боде очи: Суша, прашина и заборавена урбана грижа

Некогаш сонот за убаво и безбедно маало започнуваше со убаво уредени паркови, цветни жардинери и сенки под дрвја кои повикуваа на одмор и прошетка. Денес, тоа е само бледа слика, барем ако поминете по улицата на Тоше Проески во скопската населба Аеродром – Ново Лисиче.
Шеталиштето кое требаше да биде гордост, сега изгледа како декор од заборавена сцена: од едната страна тревата изгорена, жолта и сува, а од другата – малку зеленило кое преживеало со борба.
Контрастот е толку остар што ќе ве натера да се запрашате: Кој се грижи за ова место?
Жардинерите се искршени, испукани, без капка грижа, а растенијата во нив – исушени и неми сведоци на занемареноста. И тоа не е само проблем на естетика, туку на целокупното чувство на непочитување кон јавниот простор.
Ако ова е улицата која го носи името на Тоше – човекот симбол за љубов, хуманост и убавина – тогаш нашата совест треба гласно да се запраша: зар вака му се оддава почит? Зошто просторот не добива внимание, барем во лето, кога и најмалата грижа за зеленилото прави разлика?
„Секојдневно шетам тука со внучето. И сами гледате, колку се е запустено, веќе со години е вака. А ова треба да биде гордост на Аеродром. Па тука е Тоше, душата на Македонија!“, вели госпоѓа Ленче (68) од Ново Лисиче.
-Не бараме палми и фонтани. Бараме основна грижа, редовно наводнување, чистење и санација на уништеното- додава спомнатата госпоѓа.
Скопје заслужува повеќе. А маалата, особено оние што носат имиња на луѓе кои ни биле гордост, заслужуваат грижа, внимание и почит. Зашто, не се работи само за уредување – се работи за култура, за вредности, и за тоа каква порака им праќаме на нашите деца.
Повик до надлежните:- Вратете му го достоинството на ова свето катче!
- Наводнете, обновете, исчистете – покажете дека ви е грижа!
Ирена С.
ФОТО: ЖЕНСКИ МАГАЗИН
*Забрането е преземање на авторски содржини од „Женски магазин“