Најозлогласениот психолошки ескперимент во историјата изведен е над 9 месечно бебе: Алберт починал како дете

Добивај вести на Viber

Експериментот со „Малиот Алберт“ е еден од најпознатите, но и најоспоруваните случаи во психологијата. 

Некои експерти веруваат дека бил погрешно дизајниран од самиот почеток и не може да се смета за валиден според денешните научни стандарди.

Што претставувал експериментот?

Експериментот го спровеле американскиот психолог Џон Вотсон и неговата асистентка Розали Рејнер на Универзитетот Џонс Хопкинс во 1919 година. Тие сакале да проверат дали човечкото однесување може да се услови на ист начин како кај кучињата во експериментите на рускиот физиолог Павлов.

Тие избрале бебе од девет месеци – син на доилка – и го нарекле „Малиот Алберт“. На почетокот, Алберт покажувал љубопитност кога му биле прикажувани неутрални стимуланси како бели стаорци и зајаци. 

Но потоа, при секој контакт со животното, зад него се удирало по метална цевка, предизвикувајќи силен звук. По неколку повторувања, Алберт почнал да се плаши од животните и од други слични предмети – како волнени палта и маска од Дедо Мраз со брада.

Вотсон верувал дека сите човечки емоции произлегуваат од три основни реакции: страв, бес и љубов, и оваа студија ја користел како „доказ“ за таа теорија.

Неетичко и спорно истражување

Овој експеримент денес би бил сериозно кршење на етичките стандарди. Бебето не можело да даде согласност, а мајката не била информирана за целосната природа на експериментот. Кога дознала, го повлекла детето, а ветената „де-кондииција“ на Алберт никогаш не била спроведена.

Покрај тоа, експериментот бил методолошки слаб – следен е само еден субјект, без контролна група. Во 2021 година, списанието History of Psychology го нарече експериментот „главно неуспешен“, а реакциите на Алберт – „слаби и можеби резултат на други фактори“.

Кој бил Малиот Алберт?

Идентитетот на Алберт никогаш не бил официјално документиран од Вотсон. Сепак, во 2009 година, тим психолози утврдил дека најверојатно се работи за Даглас Мерит, син на доилка во болницата Harriet Lane Home. 

Неговите медицински досиеја откриле дека Даглас починал во раното детство од хидроцефалус – состојба при која се собира течност во мозокот, што предизвикува проблеми во развојот.

И покрај тврдењата на Вотсон дека Алберт бил здрав, д-р Алан Фридлунд од Универзитетот во Калифорнија – Санта Барбара, посочува дека бебето имало непропорционално голема глава, не покажувало типични социјални насмевки, ниту барало утеха кога било исплашено – што може да укажува на невролошки нарушувања.

Што е влијанието на експериментот?

Иако резултатите се сомнителни, а методологијата е критикирана, експериментот со Малиот Алберт сепак оставил трага. Тој поттикнал понатамошни истражувања за тоа како се развиваат стравовите и влијаел врз начинот на кој психолозите гледаат на анксиозноста, фобиите и посттрауматскиот стрес.

„Сè на сè, студијата беше ужасно слабо дизајнирана, но сепак имаше големо влијание врз развојот на клиничката психологија“, заклучува д-р Фридлунд.

Извор

Фото: Википедиа