Наша тема: Црвените дилеми и менопаузата не се приватна работа - за проблемите што ги мачат жените овој пат зборуваме во прво лице еднина

Добивај вести на Viber

Иако менструацијата и менопаузата се сосема нормални појави во животот на една жена, тие продолжуваат од средината да се табуизираат и да се гледаат низ призмата на приватни теми. 

Во минатото, антропологијата памети примери во кои жени се закопувале до половина во земја додека имале месечев циклус, а зад оваа пракса стои примитивно убедување дека жената за време на менструалното крварење е „нечиста“. Сигурно сте ја слушнале фразата дека жени во време на мензис не треба да одат во црква. Нашата средина задржала некои погрешни претпоставки и бизарни верувања за менструацијата, поради што до денеска женските теми се сметаат за секундарни теми, или уште полошо за теми кои треба да се чуваат во строга приватност. 

Општеството го игнорира проблемот со менструалната хигиена и сиромаштија, жените во текот на еден месец поминуваат низ различни хормонални фази, а сето тоа се одразува на нивното психичко здравје и социјалното функционирање. Во периодот на „изостанување“ на менструацијата, во науката познат како менопауза, телото на жената драстично се менува. И додека секоја една жена, се соочува со низа природни процеси и проблеми, општеството и државата ова појава ја доживуваат како лична борба.

Од една страна општеството ги игнорира женските теми, сметајќи ги за помалку важни, а од друга страна на жените им наметнува завет на молк, како показател дека тие успешно се справуваат со својата природа. Сѐ што ја чини една жена е болно. Средината смислила креативни фрази како да ја натера жената да ја прифати својата болка во име на женственоста, како на пример „За убавина ќе трпиш болка“, „Деца се раѓаат во болка“ и сл. Болката на жените се нормализира, поради што тие остануваат осиромашени за искуства и правилни стручни насоки кои значително би придонеле во избегнување на здравствените ризици и подобрување на квалитетот на животот. 

Менопаузата е една од темите за која жените се најзасегнати, а во јавноста малку се говори и уште помалку знае за менопаузата. Затоа овој животен период многу жените го дочекуваат неподготвени, што остава последици по нивното гинеколошко, но и психичко здравје. 

Што е менопауза ја прашавме д-р Весна Чибишева. Менопаузата е период од животот на жената во кој таа искусува отсуство на менструално крварење, односно менструален циклус, во период од 12 последователни месеци. Таа е природен феномен, односно физиолошки процес кој се случува заради пад во концентрацијата на хормоните и го означува крајот на репродуктивниот период. Во светски рамки средната возраст на настапување на менопаузата е 52 години, но со трендот на продолжување на животниот век на жената, таа голем дел од нејзниот живот го минува со менопаузалните симптоми и промени, вели гинеколог д-р Чибишева. 

Д-р гинеколог и акушер Весна Чибишева 

Според неа, постојат низа на физички и емоционалните симптоми, кои со себе ги носи менопаузата и може да бидат многу предизвикувачки за секојдневието на една жена и неретко со себе носат дисфункционалност и неудобност.  

Почнувајќи од обилните, ирегуларни крварења, топлите бранови, ноќното потење, вагиналната сувост, уринарната инконтиненција, несоницата, главоболките, тахикардиите, намалената концентрација и болките во зглобовите, па се до хроничните промени во органските системи како кардиоваскуларни нарушувања, остеопороза и генитоуринарни проблеми... Менопаузата е навистина тема на која треба да се зборува и на која мора да и се посвети повеќе внимание. Знаејќи дека еден ден ќе влезете во менопауза никако не го прави процесот полесен, истакнува Чибишева. 

Таа вели дека во тек на менопаузалните години жените треба да се консултираат со својот матичен лекар или матичен гинеколог барем еднаш годишно, искрено и без срам да ги споделуваат сите препреки кои им го отежнуваат секојдневието. Жената не смее сама да се справува со симптомите на менопаузата, постојат многу програми за промена на животниот стил, но и дефинирани медицински третмани, кои сериозно ја подобруваат состојбата. Од вкупната менопаузална женска популација, една од четири жени ќе развие сериозна срцева болест, а една од три жени ќе искуси коскена скршеница, сѐ како резултат на хормоналните промени во ткивата. 

Освен по физичкото здравје, бројни се и оние последици кои се случуваат по психичкото здравје на жените кои минуваат низ период на менопауза. Дополнителна тежина создава тоа што во нашата средина посетувањето на психијатар презентира извесна слабост или психички проблеми, кои го обележуваат поединецот во негативна смисла и оставаат последици по неговата социјализација. 

Бројките велат депресијата како таква во сите нејзини облици двојно повеќе е присутна кај женската популација, со прва епизода во раниот пубертет, со тенденција за интензивирање во посебно ранливите периоди како што е перинаталниот и перидот на перименопауза, вели психијатарката д-р Славица Арсова. 

Д-р психијатар Славица Арсова

Таа додава дека депресивните епизоди имаат повторлив карактер. 

Се смета дека депресивните епизоди кај жените почнуваат порано, имаат тенденција да се повторуваат, да траат подолго. Одредени истражувања велат дека жените кои имале минато искуство со било каква депресивна или анксиозна епизода се со зголене ризик за развој на депресивно растројство, оние кои претрпеле сериозно трауматско искуство како што е семејното насилство, ако и жените кои потекнуваат од посиромашна средина, со понизок степен на образование или пак самохраните родиители, вели Арсова.

Д-р Славица Арсова потенцира и дека жените многу почесто страдаат од депресија одошто мажите и истражувањата се фокусираат токму на согледување на каузалната врска помеѓу хормоналните промени и психичките состојби. 

Зошто е депресијата поприсутна кај жените отколку кај мажите во целост не постои еден и сосем јасен одговор, се смета дека присутни се бројни фактори од биоолошки, како хормоналните промени, до психолошки и социјални фактори и различности. Како особено значајни се наведуваат перодите на поголеми хормонални промени како периодот на почеток на пубертет, перинаталниот и периодот на перименопауза но во склоп на останатите психолошки фактори како развојниот период заедно со надворешните стрсогени или пак социјално заштитни фактори, додава таа.

Андреа Накова од граѓанското здружение „Новинари за човекови права“ ги сподели своите искуства и знаења што ги стекнала работејќи на дузина проекти посветени на менструалната сиромаштија и менопаузата. Таа вели дека со женските теми, жените се оставени да се справуваат сами и препуштени се сами на себе.

Андреа Накова, граѓански сектор 

Жените во нашите групи често го опишуваа чувството дека „се справуваат сами“, бидејќи темата е игнорирана и табуизирана и дома, и на работното место, а уште помалку во здравствениот систем. Многу од нив изразија дека поради молкот околу оваа тема, почнале да мислат дека нивните симптоми се „во нивната глава“ или дека „не треба да се жалат“. Овој недостаток на отворена комуникација придонесува за зголемено чувство на изолираност и несигурност, вели Накова. 

Таа вели дека постојат работи на кои треба да се обрне особено внимание и да се подобрат условите за жените кои се справуваат со менопаузата.

Проектот покажа колку е важно жените да имаат безбеден простор за отворен разговор, заедничка едукација и размена на искуства. Преку сесиите за физичка активност, здравје, психолошка поддршка и исхрана, учесничките не само што стекнаа нови знаења туку и создадоа мрежа на поддршка. Затоа, сметаме дека е клучно овие активности да продолжат и да се поддржат институционално – преку воведување на специјализирани служби, советувалишта и редовни програми за информирање и јакнење на жените во менопауза. Само така можеме да го прекинеме молкот и да ја вратиме сигурноста кај жените во оваа чувствителна животна фаза, додава таа.

Менопаузата значително влијае и на социјалните врски. Жените кои се справуваат со менопаузата и при тоа имаат здравствени ризици, истовремено се справуваат и со намалени способности за работа или одржување на квалитетни и хармонични социјални врски. Па така, она што се смета дека е личен проблем на жената, може да е извор на голем број проблеми во функционирање на семејството, изложеност на социјални ризици поради намалена работна ефикасност, но и ослабнување на квалитетот на семејните односи поради депресивното растројство во кое се наоѓаат голем број жени за време на менопаузата. 

Од клучно значење е да се разбере феноменот на менопаузата и да се пружи поддршка на жените кои поминуваат низ тешкотиите што го следат овој период. Општеството мора да ја подигне свесноста, а институциите да ги подобрат услугите за жените во менопаузата. Прво поради емпатија и помош на засегнатите жени, но и поради тоа што со разбирање на нивната состојба многу ризици можат да се избегнат и последиците да се предвидат и навремено превенираат, што пак значително ќе го подобри општиот контекст. 

Автор: Магдалена Стојмановиќ - Константинов