Наша тема: Почнува најозборуваната манифестација – која е таа?

Во неделата свечено беше отворен фестивалот со дефиле на 37 учесници и нивните тимови, низ центарот на Базел, Швајцарија . Почнува Евровизија, без учество на Македонија.
Вечерва ќе се одржи првото првото полуфинале. Ќе се натпреваруваат претставници од 15 земји - Шведска, Украина, Словенија, Исланд, Естонија, Полска, Португалија, Холандија, Азербејџан, Албанија, Сан Марино, Белгија, Кипар, Хрватска и Норвешка.
Во првото полуфинале ќе бидат претставени трите директни финалисти - учесниците од Швајцарија, Италија и Шпанија, а нивните гледачи ќе имаат можност да гласаат и во текот на првата вечер.
Сцената и зелената соба во внатрешноста на Свети Јакобшале (St. Jakobshalle), која се фокусира околу модерната интерпретација на мотивот на швајцарските Алпи, е дело на познатиот дизајнер Флоријан Видер, автор на повеќето евровизиски сцени во претходните десет години.
Сцената зафаќа значителен дел од арената, чиишто централен и помошен дел се поврзани со писта, а над неа се издигнува и голема ЛЕД преграда.
Второто полуфинале е во четврток, а покрај претставниците на Србија, ќе настапат 15 натпреварувачи: од Австрија, Литванија, Ерменија, Црна Гора, Грција, Ирска, Австралија, Летонија, Чешка, Израел, Малта, Финска, Данска, Луксембург и Грузија.
Со своите песни ќе се претстават и преостанатите финалисти: Германија, Франција и Велика Британија.
По 10-те најдобри земји, според мислењето на публиката, од двете полуфиналиња ќе се пласираат во големото финале в сабота, во кое заедно со директните финалисти ќе настапат и претставниците од 26 земји.
Додека верните фанови се подготвуваат да го следат секој настап и да гласаат, останатите едвај чекаат да критикуваат или да прават шеги околу изведувачите и настанот.
И овој Евросонг, зад сцената, не успеа да остане имун на политиката, шпекулациите и контроверзните настани.
Откако Мириана Конте победи на националниот избор на Малта, многу фанови на Евровизија легитимно се прашуваат дали ЕБУ ќе дозволи изведба на целата песна, односно на нејзиниот рефрен, по кој песната и е наречена. Имено, официјалниот наслов на песната е Кант („Пеење“), а објаснувањето коешто го нудат од Малта е дека зборот Кант на малтешки јазик значи „пеење“. Меѓутоа, од контекстот во кој зборот е употребен во рефренот, јасно е дека не се мисли на пеење, туку на... нешто сосема друго.
Се чини дека ЕБУ го сфатила зборот Кант онака како што го сфатиле и повеќето фанови, па ѝ наложиле на делегацијата на Малта итно да го смени делот од песната којшто може да се протолкува како вулгарен, а со самото тоа да биде и во спротивност со правилата за изборот. Тоа го потврдила и самата Мириана Конте во денешната објава на својот Инстаграм профил, истакнувајќи дека имаат околу една недела да го решат овој проблем. Пред нејзиниот тим е голем предизвик, а што и како ќе ни сервираат овој пат ќе дознаеме во наредните денови.
Критичарите изразија незадоволство од Изборот за песна на Евровизија, поради наводната политизација и идеолошка агенда, вклучително и учеството на Израел и забраната за ЛГБТ знамињата, објави денеска „АП“ (АР).
Израел во Базел ќе го претставува Јувал Рафаел, која преживела напад на Хамас. Од октомври 2023 година до сега Израел уби повеќе од 50.000 Палестинци, поради што Шпанија, Словенија и Исланд побараа исклучување на израелската претставничка од натпреварувањето.
Палестинските организации и групите за човекови права во Швајцарија исто така се спротивставија на учеството на Израел, обвинувајќи ја Европската радиодифузна унија (ЕБУ) за двојни стандарди.
Русија беше исклучена од Евровизија по инвазијата врз Украина, но на Израел и понатаму му е дозволено да настапува и покрај геноцидот што го изврши во Газа“, изјави Гери Милер, претседател на Здружението Швајцарска Палестина.
ЕБУ соопшти дека на Израел му е дозволено да се натпреварува бидејќи земјата ја претставува јавниот радиодифузен сервис КАН, а не владата.
Истовремено, кампањата на конзервативната Федерална демократска унија (ЕДУ) во Швајцарија неуспешно се обиде да го блокира јавното финансирање на Евросонг во таа земја поради прикажување на ЛГБТ знамињата и наводниот антисемитизам.
Новите насоки за знамињата ограничуваат на сцената и во зелената соба да има само едно национално знаме, забранувајќи го знамето на гордоста со виножитото за уметниците, иако ЛГБТ+ и регионалните знамиња ќе бидат дозволени во јавните делови за изведувачите и фановите.
„На Евровизија не ѝ треба знаме за да го покаже своето сојузништво и прославата на ЛГБТ+ заедницата. Само треба да го видите шоуто, да ги видите луѓето кои учествуваат, да слушнете за што пеат“, изјавил директорот на ЕБУ.
Швајцарската група за правата на хомосексуалците и бисексуалците Пинк Крос, го изразила своето разочарување од оваа одлука на ЕБУ.
„Евровизија е прослава на солидарноста и толеранцијата и има долга историја на поддржување на ЛГБТ+ правата. Забранувањето на знамето е шлаканица во лице“, изјавил генералниот секретар Роман Хег.
Македонија нема претставник на оваа европска манифестација, трета година по ред. Тоа значи дека, три години се одмараме од озборувања, шпекулации и контроверзии поврзани, но, само за овој настан. Да се потсетиме на некои од нив.
Секој национален евровизиски избор бил проследен со афери и шпекулации. Прв на удар бил организаторот МРТ. Се плукаше по секоја цена, без разлика дали за тоа постојат основани факти. Често и изведувачите беа на мета. Не само од јавноста, туку од нивните колеги учесници на изборот. Ги обвинуваа дека ги местеле телефонските гласови. Некои одеа дури дотаму што ги обвинуваа и членовите на жири комисиите, дека нивните гласови нбиле наместени или „ купени“. Кадешто има дим, има и оган.
Во 2004 година, МРТ сама реши Тоше Проески да биде нашиот претставник во Истанбул. Но, токму кога во мигот се одвиваше конкурсот за композиции од кои ќе се одбере најдобрата, авторите беа или презафатени или немаа инспирација за создавање. Дури се зборуваше и за бојкот од некои пејачи и продуцентски куќи. По сите перипетии Тоше жирито и публиката ја одбраа песната „Life“ со која остави одличен впечаток на сцена со вокалот и оствари одличен успех на манифестацијата.
Но, евровизискиот оган најмногу се разгоре следната година. Победи Мартин Мартин со „Make my day“.Второпласираната Александра Пилева бурно реагираше за наводно местење на резултатите. Пред Универзалната сала имаше и вистинска тепачка.
Во 2013 година МРТ за наши евровизиски претставници ги одбра Есма Реџепова и Лозано, првично со темата „Империја“ за која сними спот кадешто беа претставени само убавините на проектот „Скопје 2014“.По бурните реакции на јавноста МРТ ја повлече песната. Се направи нова со наслов „Пред да се раздени“, на големо разочарување на покојната Есма Реџепова. Посебно ја заболе фактот што сама не настапи на оваа европска манифестација.
Од поновата историја се истакнува случајот на Васил Гарванлиев во 2021 година. Официјалниот спот за неговата евровизиска тема „Here I stand“ се промени, по бурните реакции на јавноста и бројните евровизиски фанови за спорниот кадар во кој се појавува уметничкото дело од поставката во Даутпашиниот амам чии бои асоцираа на бугарското знаме. Спорниот кадар беше отстранет. Исто така се сподели тв -интервју на социјалните мрежи, во кое на прашањето во врска со државјанството на Македонија, Гарванлиев одговори дека освен македонски има и бугарски пасош, бидејќи баба му била по потекло од Бугарија и имал далечни роднини таму. За себе рече дека е роден во Струмица, која како што вели се наоѓа од „другата страна на земјата“.
Од овие причини Македонската Радио Телевизија (МРТ) оформи комисија која ги утврдуваше и одлучуваше што ќе се случи со нашиот претставник. На крај Васил Гарванлиев замина на Евросонг во Ротердам, Холандија.
Соња Алексоска Неделковска