Наша тема: Уникатен фустан, најдобра шминка или завиден училиштен успех - што ја прави „кралицата на матурската вечер“ годинава

Матурите се еден од најзначајните животни периоди за секој од нас. Сите се сеќаваме на денот кога сме станале „возрасни“. Иако созревањето е долготраен процес кој е индивидуален и не е вкалапен во стандардни временски рамки, матурата се доживува како свечен ден за оние кои ги напуштаат средношколските клупи и излегуваат „надвор во светот“.
По матурата средношколците добиваат поголема слобода, но и повеќе одговорности, па затоа и ова фаза од животот се третира како официјално „збогум“ на адолесцентската фаза и почетно „добредојде“ во светот на возрасните.
Според професорката Татјана Алексиќ, човекот зрее преку осознавање, учење, читање и пишување, развивање на вештини и способности. Сака да учи цел живот ако созрее на време. Несозреаните мислат дека знаат сѐ. Учењето е мајчински добро и секогаш во мода за луѓето со добар вкус и стилски обележја на своите животни навики. Не случајно завршниот испит на стекнатото знаење се матурите. Испити на зрелост. Себепреиспитување. Најбитното нешто е да застанеш пред огледало и да си го преиспиташ знаењето, колку си вложил со самостоен труд или си од оние ,,врскаџиите" кои и за матурскиот испит фаќаат врски и можности да поминат со препишување.
Зрелост е да си ги препознаеш слабостите навреме и да работиш на нивно надминување. Препишувањето е шверц. Чекор кон мито и корупција, како помошни алатки кон шверцувањето неукост, неписменост, незнаење и неспособност да се изградиш во зрела личност. Згора на сета оксиморонија во нашиот образовен систем, конечно се преземаат мерки за поголема контрола и деактивирање на интернетот за време на матурските испити. Нема интернет, нема мобилни, нема масовно медиумско препишување. И нѐ нема нас, поткажувачите. Можно е само она класично препишување од другарчето зад или пред тебе, ако имаш среќа да седнеш блиску до сезнајко, додава Алексиќ.
Додава дека според неа лично, образованието денеска е многу повкусно од концертите на Десингерица и слични на него. Образовниот систем ни е далеку од добар, но добрите ученици го извлекуваат најдоброто од него, најбитното од своите добри професори.
Мака ми е што токму најдобрите си заминуваат да студираат во странство. Нека им се со среќа матурските испити, со вкус и стил матурските прослави на сите матуранти ширум Македонија, вели Алексиќ
Периодот на матурите знае да создаде големи главоболки како на професорите во образовните институции, кои треба да ги подготват своите ученици за новите животни поглавја, така и за самите матуранти, а особено матурантки. Овој период е обременувачки и за семејниот буџет, па многу семејства со месеци однапред ги планираат трошоците за „матурската вечер“.
Од шминка, фризура, избор на накит, обувки и секако главно „матурскиот фустан“ е вистински предизвик за скоро секоја матурантка.
За make up артистката Слободанка Караиванова Миткова, предизвик и вистинско задоволство е да се работи со матурантките. Тие се млади и природно убави, улогата на make up артистот е да ја истакне таа младост и да им помогне да заблескаат со автентична самодоверба. Шминката не е само козметика, туку алатка со која девојките ја нагласуваат својата уникатност и се чувствуваат прекрасно и самоуверено на нивната специјална вечер.
Во пресрет на матурските забави, побарувачката за професионален make-up значително расте. Најчесто се бараат два стила – нежен, природен изглед што дава свежина на лицето, и елегантен гламурозен со нагласени очи, долги трепки и совршено изедначен тен. Некои матурантки веќе имаат јасна визија, додека други се инспирираат од тековноте трендови, истакнува Караиванова Миткова.
Во овој период се нудат специјализирани матурски пакети кои вклучуваат пробна шминка, вештачки трепки, обликување на веѓи, консултација според фустанот и фризурата, и make-up што трае цела ноќ – без потреба од корекции. Многу е важно да се напомене дека здрава и негувана кожа е основата за добар make-up. Особено кај младите девојки, редовната хигиена и нега на кожата се клучни – шминката најубаво сјае на чисто и хидрирано лице.
На крајот на денот, најважно е секоја девојка да се чувствува убаво во својата кожа. Шминката е начин да се прослави нејзината автентичност, а вистинскиот сјај секогаш доаѓа одвнатре, додава таа.
Секако епитетот „кралица на матурската вечер“ се доделува по повеќе критериуми. Важни се училишните постигнувања, но за матурантките пресуден е и изборот на фустан за матурска вечер. Од таа причина многу матурантки со месеци наназад го планираат изгледот на матурскиот фустан, а често се обраќаат и кај професионални модни дизајнери за помош при изборот.
Модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева открива дека барањата на матурантките во поглед на нивниот изглед за матурската изглед се променил по пандемијата со ковид 19, но матурските фустани останале доминантен избор на модна комбинација за оваа свеченост.
Со тек на време, особено после пандемијата, стилот кај матурантите малку се промени. Не се екстремни во своите барања, напротив се многу поедноставни, барем матурантите што го посетиле моето ателје. Претежно минималистички израз, дури и ако станува збор за долга тоалета, Најчесто се фустани, корсети, пантолони многу поретко, истакнува Ѓоргиева.
Таа истакна дека во својата досегашна работа се раководи од три „златни правила“ во дизајнирање на облеката за матурантки, а едно од нив е токму возраста. Ѓоргиева нагласи дека возраста треба да биде еден од пресудните моменти во конечниот избор на модна комбинација.
Кога станува збор за матурантите јас сегогаш сум се трудела да се задоволат барем 3 параметри возраст, автентичност и естетика. Не сум дизајнер кој слепо ги следи трендовите, таков ми е и пристапот во работата. Без разлика на тоа што станува збор за млада популација која допрва влегува во светот на возрасните, допрва треба да гради голем дел од својата личност, јас сепак тргнувам од нешто индивидуално кај клиентите. Да биде нешто лично, нешто најблиску до нив, нивната личност и енергија. Ако кажам конкретно, матурантите треба да ностав ова и ова ќе ги ставам во рамка, во граница, а уметноста и креативноста се косат со ваков став, додава таа.
Матурите се секако убав период од животот на секој млад човек, како за младата единка така и за семејството. Општеството со текот на времето создало некои ритуали со кои се обележува влезот во светот на возрасните и се прогласува официјалното созревање на децата преку премин од адолесцентска фаза во светот на возрасните.
Па така на матурите треба да се гледа низ нивната внатрешна симболика, тие се порака дека младите луѓе во новото животно поглавје ги очекуваат повеќе обврски и одговорности. Но тие ќе ја имаат и слбоодата да носат независни одлуки. Колку и матурската вечер да е свеченост на која сакате да брилирате, најважно од крајот на денот е да имате свој идентитет и да се чувствувате убаво во своја кожа. Впрочем една од главните лекции кои возрасните морале да ги научат како услов да станат возрасни е токму таа - да научат да се прифатат, а потем и сакаат себе. Такви какви што се, свои и оригинални!
Магдалена Стојмановиќ - Константинов