Наскоро премиера на „Утре наутро“, новиот филм на Јани Бојаџи инспириран од настаните од 27 април

Добивај вести на Viber

Новиот филм на Јани Бојаџи, „Утре наутро“ зборува за настаните од 27 април и последиците од нив. Се работи за политичка драма во чиј фокус се две семејства, едното македонско, на поранешен висок функционер, а другото ромско кое се бори против неправдите што системот ги врши врз нивната ќерка. Иако катализатор на дејствието се постапките на мажите, филмот е посветен на сите жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат своите семејства и заедница, објаснува сценаристот и режисерот, Јани Бојаџи.

„Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година, но во принцип и се занимава со прашањето што потоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носат најчесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства“ вели Јани Бојаџи, сценарист и режисер на филмот „Утре наутро“.

Проектот започнал како телевизиска серија, но како што објаснува продуцентот Дејан Милошевски, во текот на снимањето и монтирањето сфатиле дека од целиот материјал може да се направи и игран филм.

„Ние започнавме да снимаме серија во пет продолженија и кога ја завршивме серијата заклучивме дека имаме филм. Така што, освен филмот ќе има и пет долгометражни епизоди по 55 минути“ вели Дејан Милошевски, продуцент на филмот.

Нина Деан и Ирена Илиевска кои ги имаат главните улоги велат дека ова било голем предизвик за нив.

„Тргнав од аспект не политички, туку од аспект на една жена и што и се случува на неа, така го градев ликот и така пристапив без разлика која е, чија жена е, баш се поврзав некако со ликот“ вели Нина Деан, актерка.

„Ја играм Аида Мерџановска. Аида е ромка по националност, докторка. За потребите на ликот учевме ромски и се спремавме долго време“ вели Ирена Илиевска, актерка.

Покрај Деан и Илиевска, во филмот настапуваат и Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев, Гоце Андонов, Горан Стојаноски, Благој Веселинов, Роберт Вељановски, како и многу други актери во помали улоги, а за прв пат на филм дебитира младата, 17 годишна, Јана Никодиновска. На снимањето беа ангажирани и безмалку 1500 статисти, а се снимаше на десетици локации во Скопје и неговата околина.

Директор на фотографија е Дарио Секуловски, сценограф е Гоце Попов, костимограф Зорица Тодорова, монтажер Давид Дулев. Проектот е во продукција на Синемон медиа фактори и Револшн продакшн во копродукција со Алфа Телевизија.

Премиерата на „Утре наутро“ е закажана за 19-ти ноември во Синплекс, а од 20-ти ќе се прикажува во кината низ цела Македонија. Филмот открива само дел од големата приказна која е целосно прикажана во мини серијата која својата премиера треба да ја има на почетокот на следната година.