„Не е само транзит зона“: Илјадници туристи на пат кон Грција застануваат во Македонија поради овие ТРИ ПРИЧИНИ

Секое лето илјадници туристи од Србија тргнуваат на одмор кон плажите на Грција, но малкумина го минуваат патот без да застанат во Македонија.
И тоа не случајно. Според патничките искуства, три се главните причини поради кои речиси секој српски турист прави пауза токму на македонска територија – поевтиното гориво, цигарите и, секако, добрата храна.
Македонија – дестинација за полнење резервоар
Првата и најчеста причина поради која српските туристи застануваат во Македонија е значително пониската цена на горивото.
Според актуелните податоци за јули 2025 година, литар бензин во Србија чини околу 179 денари (3 евра), додека во Македонија се продава за приближно 75 денари (1,22 евра).
Слична е и ситуацијата со дизелот – во Србија чини речиси 196 денари, додека во Македонија цената е околу 71,5 денари.
Оваа разлика е доволна причина туристите масовно да ги полнат резервоарите на бензинските пумпи веднаш по влезот во Македонија или пред излезот кон Грција.
Според анализите, само со едно полнење на резервоар, еден автомобил може да заштеди и до 30 евра во споредба со српските цени.
Во регионот, само Бугарија нуди слични цени на нафтените деривати, но на патот кон Халкидики или Олимписка ривиера, Македонија е логична и најисплатлива станица.
Цигари? Во Македонија се поевтини
Втората причина се цигарите. Иако разликата не е драстична, сепак е доволно мотивирачка за оние кои пушат.
Популарните интернационални брендови во Србија чинат околу 3 евра (приближно 180 денари), додека во Македонија истите марки се продаваат за околу 2,72 евра (167–168 денари).
Разликата од 10 до 15 денари по кутија значи дека ако турист купи неколку пакувања, заштедата е забележлива.
Ручек како ритуал
Третата и, можеби, најубавата причина за пауза во Македонија е храната. Познато е дека гастрономскиот туризам е еден од најсилните адути на македонската понуда.
Српските туристи, како и оние од другите поранешнојугословенски земји, често велат дека македонската кујна е „повикана“ да биде задолжителна станица на патот кон летото.
Без разлика дали станува збор за традиционално тавче-гравче, полнети пиперки, шопска салата или скара, рестораните низ Македонија често се полни токму со туристи кои знаат што бараат.
Социјалните мрежи се преплавени со рецензии, а YouTube е полн со видеа на гастро-влогери од Србија, Хрватска и Босна кои со ентузијазам раскажуваат за своите гастрономски доживувања во Македонија. Не ретко, одморот не почнува со плажа – туку со добар ручек во некое македонско гратче или село.
Македонија – не само пат, туку и дестинација
Иако за многумина Македонија претставува транзитна зона на патот кон грчките плажи, за сѐ поголем број туристи таа станува место каде вреди да се застане. Не само поради цените, туку и поради искуството.
Економската логика е тука – полнење гориво, набавка на цигари и пристоен ручек за цена што во Грција би чинела двојно – но и емотивната поврзаност со храната, гостопримството и вкусовите од детството го прават престојот посебен.
И додека државите се борат за секој турист, Македонија успева да понуди она што ретко кој може: евтино гориво, достапни производи и храна што се памети.
РЖМ / М.С.К*Забрането е преземање содржини од „Женски магазин“