„Не ви се исплати да бидете мајки во Европа“: Еуростат со загрижувачки резултати - полова еднаквост возможна само како идеал

Мајките во Велика Британија заработуваат 302 фунти неделно помалку од татковците, покажува анализа спроведена од Office for National Statistics (ONS).
Дека ситуацијата не е подобра ни во Европската Унија, укажуваат последните достапни истражувања на Евростат, според кои просечната бруто-часовна заработка на жените е за 12 проценти пониска од таа на мажите.
Овие податоци повторно ја вратија во фокус темата за родовиот јаз во платите во ЕУ, кој варира меѓу земјите и дополнително се зголемува со родителството. Стручњаците се согласни дека ова е горлива тема која мора што поскоро да се решава.
Анализата покажува дека мајките заработуваат една третина помалку неделно и речиси 20 проценти помалку по час од татковците.
Тоа практично значи дека од 1 септември тие работат „бесплатно“ до крајот на годината во споредба со своите машки колеги.
– Причината поради која јазот толку се зголемува по раѓање на деца е фактот што основањето семејство има непропорционално негативно влијание врз заработката на жените – вели Џоели Брерли, основачка на програмата Growth Spurt.
Таа додава дека многу жени се приморани да го напуштат работното место поради трошоците за чување деца, дискриминација во бременост и недостаток на флексибилно работно време. Според анализите, околу 74.000 жени годишно остануваат без работа само затоа што останале бремени или користеле породилно отсуство.
Ситуацијата не е посветла ниту во другите земји од ЕУ. Податоците на Евростат од 2023 година покажуваат дека жените во просек заработуваат 12 проценти помалку од мажите, а разликата е уште поголема кога жените стануваат мајки.
Во Полска, на пример, приходите на мајките опаѓаат за 20 проценти по раѓањето на детето, додека на татковците растат.
Во Чешка жените заработуваат 18,9 проценти помалку од мажите, во Франција просечната годишна плата на жените во приватниот сектор во 2021 година изнесувала 18.630 евра, наспроти 24.640 евра кај мажите – разлика од 24,4 проценти.
Овие податоци јасно укажуваат дека родовиот јаз во платите во ЕУ е сериозен проблем кој родителството уште повеќе го продлабочува, оставајќи ги мајките во значително понеповолна позиција.
Извор: EUpravozato.rs