„Неделен ручек во Врање и еднодневно капење во Грција се минато“: Граничните премини денеска, без голем застој

Откако недела стана неработен ден во Македонија, мноштво граѓани, се организираат на еднодневни патувања, кои често вклучуваат и излегување надвор од границите.
До пред неколку години, токму во недела, голем дел од македонските граѓани ја напуштаа државата и заминуваа на ручек во соседната Србија, поточно во Врање, кое се наоѓа на околу 90 километри од Скопје.
Од локалните ресторани во Врање ни потврдија дека со години веќе живеат токму од Македонци, кои секој викенд, а особено во неделата се најчестите и најбројните гости во нивните локали.
Но по епидемијата со корона вирусот, инфлацијата и зголемените трошоци за живот, оваа практика скоро исчезнува. Сѐ помал број македонски граѓани се среќаваат низ рестораните во Врање.
Недела е и ден кога многумина го завршуваат својот летен одмор и се враќаат дома. Па затоа гужвите на границата „Богородица“ денеска се почести за влез во Македонија отколку за излез.
Од Јавното државно претпријатие, поставен е видео надзор, преку кој македонските граѓани можат да имаат увид во состојбите на патните наплати низ Македонија, како и на самите гранични премини.
На граничните премини „Делчево“, „Девебаир“ и „Блаце“ нема подолги задржувања и фреквенцијата на возилата обично е значително помала одошто на ГП „Табановце“, како и на ГП „Богородица“.
Во текот на летните периоди овие два гранични премини им создаваа големи главоболки на туристите поради долгото чекање, а во овој период се активираа и ГП „Дојран“, како ГП „Прешево“ кои инаку во текот на годината не се толку пополарни поради состојбата на патиштата по кои треба да се вози.
Оваа година, состојбата со ГП „Табановце“ е значително подобрена, сведочат граѓаните.
Веќе не се забележливи големи колони и застои ниту на влезот, ниту на излезот на државата и тоа токму поради „one stop“ системот за проверка на документите кои неодамна се активираше по меѓународниот договор со Србија.
Поголем застој во летните периоди може да се случи на патарините, особено патарината кај „Романовце“ и патарината „Миладиновци“. Вработените на овие две патарини објаснуваат дека зголемениот застој и гужвите се делумно поради зголемената фреквенција на туристи кои одат за Грција преку Македонија, но и навиката на македонските граѓани наместо да користат систим за електронско плаќање, преферираат да плаќаат каде што има вработен човек.
Генерално имаат отпор кон автоматизацијата. Иако има неколку рампи на кои можат да поминат во секое време со картичка, не се користат, стојат празни, а на двете рампи каде што има човек, редици возила, овјаснува во разговор, вработен на патната наплата.
Препораките се дека доколку денеска сте на излез или влез во државата да не користите алтернативни гранични премини и доколку сте во можност на некоја од патните наплати да набавите картичка за електронско плаќање, која значително ќе ви го намали чекањето на патарините.
М.С.К