Непослушноста ќе му пресуди на следниот викенд за Први мај: Дали ќе имаме карантин како соседна Србија?

Македонија го помина третиот карантински викенд, но по два, со целосна забрана, овој беше со скратени часови на забрането движење. Забраната за движење почна од петокот од 15:00 часот, а траеше до изутринава до 5:00 часот наутро.
Од денеска остануваат одредбите дека полицискиот час почнува од 19 часот секој ден, а трае до 05 часот следниот ден.
Надлежните најавија дека по првомајскиот празник ќе се разгледува опцијата да почне извесно олабавување на мерките и постепено враќање во нормала на животот во земјава. Сепак останува прашањето каков ќе биде следниот продолжен викенд?
Први мај е во петок, а тој ден е официјално неработен, но и ден кога граѓаните излегуваат надвор - па и на излетнички места. Нема официјална потврда за тоа дали сепак забраната за движење ќе го опфати и тој ден, но се тврди дека тоа е многу извесно.
Владата на Србија ја потврди одлуката за Први мај да се одреди забрана за движење. Одлуката за забрана на движењето започнува од 30 април, односно од четврток до 4 мај понеделник до 5 часот.
Според новите мерки што ги однесе Владата во средата, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина.
Некои од граѓаните на ја почитуваат мерката за носење маски и затоа Министерството за здравство и Владата ќе анализираат како ќе се организира движењето во текот на следниот продолжен викенд.
„Видовме слики има граѓани кои почитуваат и голем број на граѓани кои овие мерки не ги почитуваат - мерката на разлабавување ја носиме со задолжително носење маски. Ќе анализираме овие денови и ќе видиме како ќе се однесува за празникот односно за Први мај. Се плашиме од несакан ефект и во таа насока ќе биде одлуката, изјави вчера министерот Венко Филипче и најави дека ќе бара казнувањето за неносење маски да почне веднаш.