Од гостиварско Зубовце, па се до Мала Преспа: Верниците утре ја слават Света Марена - заштитник на жените

Утре, православните верници ќе го одбележат големиот христијански празник посветен на Света маченичка Марина, позната и како Света Марена, Маргарита или во народот попозната како Огнена Марија – заштитничка на жените и семејното здравје.
Во чест на светицата, низ целата земја ќе се одржат собири и црковни служби во повеќе православни храмови и светилишта. Овој празник има особено значење во гостиварскиот крај, каде што во селото Зубовце се наоѓа една од најпознатите цркви посветена на Света Марена – Огнена. Секоја година, на 30 јули, црквата во Зубовце станува место на масовно собирање на верници од Гостивар и пошироко. Тие палат свеќи за здравје и благосостојба, и ѝ оддаваат почит на светицата, додека во селото се организира и голем собир по повод селската слава.
Црквата Света Огнена Марија во Зубовце е изградена пред повеќе од 160 години, од камен и дрво, врз темелите на уште постара црква. Особено е значајна поради нејзиниот живопис и иконопис, дело на познатиот зограф Дичо Зограф и неговата тајфа, изработени во 1859 година. Тој се потпишал и на престолната икона на Света Марија.
Празникот на Света Марена не се слави само во Зубовце. Во кичевското село Велмевци се наоѓа уште едно свето место посветено на светицата, иако црквата таму е во урнатини. Сепак, мештаните го зачувале местото како духовен белег, поставиле импровизирано светилиште и секој што ќе помине може да запали свеќа.
Света Марена се празнува и во преспанскиот крај, во село Туминец – Мала Преспа, каде се наоѓа манастир посветен на светицата. Во близина, на западниот брег од Преспанското Езеро, над селото Коњско, постои и пештерна црква посветена на Света Богородица, над која се издига комплекс од монашки ќелии. Јужно од селото, на самото езерско крајбрежје, кај местото Писан Камен, е сместен уште еден манастир посветен на Света Марена, кој секоја година привлекува голем број верници и посетители.
Огнена Марија претставува празник кој ја обединува духовноста, традицијата и народната почит кон женскиот принцип, и се слави со длабоко вкоренета симболика заштита, чистота и семејна благосостојба.