„Од македонски крал, преку земја на вечното сонце, до убавината на Македонките“: Странски музичари кои ја опеаа Македонија во своите песни

Добивај вести на Viber

Македонија и македонската историја дефинитивно претставуваат силна инспирација не само за домашните уметници и пејачи, туку и оние кои не ја доживуваат низ „родољубна призма“. 

Неколку светски и регионални музичари ја имаат опеано Македонија во своите песни, некои со директно споменување, додека други се конотираат со македонската историја. 

1. Iron Maiden - Alexander the Great 

Една од култните песни на Iron Maiden датира од далечната 1986 година. За љубителите на хеви металот како жанр, оваа песна е една од најпознатите, а ја препознаваат и оние кои со музика се занимаваат од општа култура. 

„Сине мој, побарај за себе друго кралство
Зашто она што ти го оставам е премногу мало“
Близу до исток
Во дел од античка Грција
Во античка земја наречена Македонија
Се роди син
На Филип Македонски
Според легендата, неговото име било Александар
На деветнаесетгодишна возраст
Тој станал македонски крал...“

Стои во текстот на песната. 

2. Дадо Топиќ - „Македонија“ 

Како голем пријател на балканските народи, посебно на македонскиот во 1973 година ја испеа песната „Македонија“ која е меѓу 100-те најдобри поранешни југословенски рок песни.

Таму каде вечното сонце сјае
таму е Македонија
луѓе и земја што ги сакам јас.

Стои во стиховите на песната. 

Оваа песна е неофицијална химна на Македонија и песна по која народите од поранешна Југославија ја препознаваат Македонија. 

Во многу интервјуа, меѓукои и она за „Женски магазин“, Дадо Топиќ истакна дека покрај тоа што песната е неофицијална хумна на Македонија, таа е и негова лична карта и песна која ја обележала неговата музичка кариера. 

3. Фламингоси „Македонка“ 

Песната „Македонка“ на Фламингоси е напишана од лични причини на еден од пејачите во дуото „Фламингоси“. 

Имено песната е посветена на Данијела Димитровска, поранешната сопруга на Огнен Амиџиќ, кој заедно со актерот Маринко Маџгаљ (сега покоен) го составуваа дуото. 

Данијела Димитровска по потекло е од Македонија, па така Огнен дошол на идеја да напише песна во која ќе ја опее убавината на својата тогашна сопруга. 

Но, ден денеска многу Македонки се пронаоѓаат во стиховите на песната, тврдејќи дека оваа песна ги претставува жените со македонско потекло во најдобро светло. 

Само кажи ми каде е 
па да ја дочекам
дали е слободна или има дечко
таа Македонка
сакам да знае дека живеев залудно
додека не ја видов за прв пат
кога ќе се насмевне, почнува летото
ако те погледне - мразот се топи
вечното сонце свети во нејзините гради
нејзината земја е Македонија.

-Стои во стиховите од песната. 

Фото: EPA / Freepik

М.С.К