„Охрид не е скап, вие немате пари“: Неисплатлив за домашните туристи, приемчив за странските

Сузана Михајлова од Скопје, вели дека секое лето го посетува Охрид, особено во викендите, но забележува дека секоја година трошоците за престој се сѐ поголеми.
Со семејството поминавме два дена во Охрид и пет дена на море во Грција - ги потошивме истите пари, вели Михајлова за „Женски магазин“.
Разликата е во тоа што како што самата потенцира, не сакала да купува производи од Скопје и да ги носи во колата, сметајќи дека цените барем во продавниците и рестораните за брза храна во Охрид се слични со оние во Скопје.
Но таму ја дочекал вистински шок, цените за сместување, како и секое седнување во кафуле покрај плажа значително ѝ го намалиле буџетот, поради што како што заклучува Охрид станува скапа дестинација за домашните туристи и за истите пари добива многу повеќе на летувањата во Грција.
Странските туристи доминираат во Охрид
Охрид бележи успешна туристичка сезона со значително зголемен број посетители. Според Државниот завод за статистика, во првите пет месеци од 2025 година, бројот на туристи во Македонија е зголемен за 16%, а ноќевањата за над 12%. Најголем интерес повторно предизвикува Охрид.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави: „Исклучително сум задоволен од бројките. Туризмот ќе продолжи да ја движи локалната економија“.
Минатото лето, езерските дестинации, меѓу кои и Охрид, остварија над 150.000 туристи и 762.000 ноќевања, што донесе приходи од над 25 милиони евра. Очекувањата се дека ова лето ќе донесе уште поголем бум, со поддршка од културни манифестации и нова патна инфраструктура.
Охрид препорачан и од дигиталните номади на „Редит“
Работењето од Охрид е лесно изводливо благодарение на солидната интернет мрежа, а во градот постојат и адаптирани простори за coworking, стои во коментарите со препораки на Reddit.
Корисници на Reddit истакнуваат дека летата се пријатни, нема потреба од клима ноќе, храната е евтина, а атмосферата живописна и опуштена.
Трошоците за живот зголемени, одморот за домашните туристи во Македонија станува луксуз
Синдикалната минимална кошничка за едно четиричлено семејство во Македонија во јуни 2025 година достигна вредност од 64.698 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Тоа претставува зголемување од околу 630 денари во споредба со мај, а најголем дел од средствата – дури 23.682 денари – одат за храна и пијалаци.
Паралелно, Државниот завод за статистика бележи инфлација од 4,5% во јуни, што значително го зголемува притисокот врз домашниот буџет. Цените на прехранбените производи и транспортот и натаму бележат најголем раст.
Во исто време, просечната месечна нето-плата во Македонија во април 2025 изнесуваше 40.570 денари, што значи дека со една просечна плата може да се покрие само околу 62% од синдикалната кошничка. За многу семејства тоа значи живот од месец за месец, со сериозни откажувања од основни потреби.
Имаат пари за море, но немаат за Охрид
Или Охрид е прескап, или понудата не соодветствува со цената. Па наместо да трошат пари во Охрид, македонските граѓани сѐ почесто избираат места покрај море, за престој во текот на летниот одмор.
Она што го покажува, односот на надлежните институции кон домашниот туризам е метод - срамење на жртвара (blame the victim). Тие тврдат дека државата има доволно туристички потенцијали и капацитети и дека проблемот не е во менаџирањето на истите, а проблемот очигледно ако не се лоцира во институциите, останува да се виновни туристите. Заклучокот е дека Охрид не е скап, ние немаме доволно пари за Охрид.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов