„Омилено место за излет на скопјани претворено во депонија“: Археолошкиот објект „Маркови кули“ оставен на немилост на несовесните граѓани

Скопјани го знаат како излетничко место, меѓу населението познато како „Марково Крувче“, но оваа место е вистински мост помеѓу сегашноста и минатото иако од него денеска се зачувани само остатоци.
Археолошкиот локалитет „Маркови Кули“ денеска е незаштитен од интитуциите на културата, археолошките здруженија, но и од граѓаните кои го користат како излетничко место и зад себе оставаат голем број на пластични отпадоци. Од тие причини денеска, посетата на Маркови Кули повеќе наликува на посета на излетничко место кое често знае да наликува на депонија.
Маркови Кули денеска е претворено во излетничко место
Остатоците од Марковите кули се во лоша состојба и под секојдневно распаѓање
Чрнче или Маркови Кули е археолошка област кое се наоѓа на месноста Марково Крувче на планината Водно, на само 4,5 км југоисточно од центарот на Скопје.
Најстарите остатоци датираат од VI век, а големината на кулите се проценува дека биле 360 x 90м. При ископувањата направени во периодот од 1976 до 1980 година откриени се монети користени во времето на владеењето на Јустинијан I.
Излгедот и градбата на Марковите Кули, заклучно со кулите кои биле 40 на број, но и развиената водоводна мрежа несомнено потврдуваат дека град Скопје во римскиот период бил всушност римскиот град Јустинијана Прима.
Но и покрај огромното значење кое овој археолошки локалитет го има за историјата на Скопје, сепак надлежните институции малку направиле да го сочуваат од нападот на времето и распаѓањето.
Доколку се упатите на Марковите Кули денеска, ќе забележите дека просторот е претворен во излетничко место. Поставени се дрвени клупи и маси за седење, а пристапот до нив е преку физички премин над остатоците од Чрнче.
Објектот не е заштитетен, ниту е реставриран, поради што наликува на пространа руина во која несовесните посетители зад себе ги оставаат пластичните шишиња и кеси од храна.
Излетничко место во непосредна близина на Марковите Кули е решение кое е понудено со цел да се задржат посетителите во рамките на излетничката област и не ја поминуваат патеката која води кон незаштитениот археолошки објект.
Надлежните институции го запоставиле капиталниот објект на Скопје
При движењето околку објектот Маркови Кули нема да забележите ниту една табла на која пишува дека објектот е заштитен или под надзор на Министерството за култура или археолошките здруженија. Изгледа како објектот да е оставен целосно на милост и немилост на граѓаните, кои судејќи според глетката немаат совесен однос кон археолошкиот локалитет.
Патот кој поминува во непосредна близина на Маркови Кули е затворен за моторни возила, што го прави непристапен теренот за комуналните служби. Но од друга страна патот е отворен за пешаците. Директниот пат до Маркови Кули го прави местото се попривлечно излетничко место за посетителите.
Пристапноста на теренот за пешаци и близината на Марковите Кули го прави прави овој археолошки локалитет, привлечно излетничко место за скопјани.
Неопходни се системски решенија да го зачуваме културното и природно богатство
Ниската култура и свест за значењето на културното и природно богатство придонесува за тоа голем број на културни и природни богатства да се предмет на сквернавење и вандализам.
Потребна е зголемена едукација за подигање на свест за значењето на природното и кутлурното богатство за општата популација, но и институционална грижа за носење на системски решенија.
Засега, ниту археолошките здруженија, ниту надлежните институции не нашле решение, па затоа секојдневно сведочиме на природно распаѓање или намерно уништување и сквернавење на еден од најзначајните симболи на град Скопје.
РЖМ