Патувањето на мотор е животен стил на Моника и Никола: „На пат кон Атина ни се запалија куферите, но тоа не нѐ спречи да ја продолжиме авантурата“

Кога срцето те повикува да тргнеш на пат, а моторот ти е најдобар другар, тогаш секое патување станува авантура што го менува животот.
Моника Наумовска (37) и Никола Атанасовски (43) не само што ја делат страста кон моторите, туку и храброста да тргнат каде што другите ретко одат, споделувајќи ги незаборавните моменти, предизвиците и убавините што ги донело патувањето на два тркала.
Тие се брачна двојка, кои не само што ја сакаат слободата на два тркала, туку и секој километар го доживуваат како авантура. Тие не се плашат од предизвици, одат каде што срцето ги носи и живеат за моментите што ги земаат здивот.
ЖМ: Патувањето на мотор на различни дестинации е ваш животен стил и начин да ја градите заедничката приказна. Што ве инспирираше?
Моника: Љубовта кон моторите… Ах, тоа е романса која трае со години! Уште од првиот момент кога почувствував мирис на бензин и ветер во косата, знаев дека ова ќе биде врска за цел живот. Со мојот партнер сме смениле неколку мотори – секој со свој карактер, каприци и безброј спомени. Денес, нашето срце чука во ритамот на два туринг мотори, сепак неговиот е подобар - признавам за долги патувања, авантури и километри полни адреналин. Патувањето на мотор е наш начин на живот. Не нè инспирира само патот – туку и она што се случува покрај него. Мали кафулиња во непознати градови, мирисот на медитеранскиот воздух, насмевките на луѓето што ги запознавам. Моторот ни е билет за свет полн култури, бои и мириси.
ЖМ: Која е првата мисла што ви минува низ главата кога тргнувате на пат?
Никола: „Слобода!" – буквално ја чувствуваме во секоја клетка. Патиштата се како празно платно, а ние сме уметниците што ја цртаат својата приказна.
ЖМ:Имате ли некои трикови за да го направите патувањето поудобно и побезбедно?
Никола: Шлемот мора да биде удобен како омилена капа, јакната – како втора кожа, а моторот – проверен до последен шраф. Паузите се задолжителни, но секогаш во некое убаво место каде може да се испие кафе со поглед.
ЖМ: Секој поминат километар на две тркала, носи слобода, возбуда. Но, и предизвик и ризик, поради непредвидливите ситуации како лошо време или проблеми со моторот. Која била најопасната ситуација која сте ја надминале?
Моника: Невреме, дожд што се претвора во завеса, густа магла и коњи на пат.
ЖМ: Има ли некоја луда или смешна случка од вашите патувања што ви останала засекогаш во сеќавање?
Моника: На пат кон Атина ни се запалија куферите од моторот па се препакувавме на отворен пат, но тоа не нѐ спречи да ја продолжиме нашата авантура.
ЖМ: Како што поминувате време заедно на пат, сигурно вашата врска станува посилна? Како овие патувања влијаат на вашиот однос и што научивте еден за друг додека сте на мотор?
Моника: Научивме дека со вистинскиот човек, дури и најдолгиот пат е краток. Патувањата нè научија на трпение, поддршка и тоа дека среќата е во малите моменти – како кафето на бензинска пумпа после стотини километри.
ЖМ: Како ги планирате вашите рути, кои земји, места сте ги посетиле?
Никола: Италија, магичните Киклади во Грција – Миконос, Сирос, Парос, Атина – секој остров со своја песна. Србија и Бугарија со своите друмски приказни. Цела Македонија – од планините до езерата. И, секако, дивиот и величествен Дурмитор. Секое место – еден лист во нашата книга.
ЖМ: Останаа ли неоствaрени многу мото сониишта?
Никола: Соништа што сè уште нè чекаат. Швајцарија со своите алпски патишта и Скандинавија со бескрајните хоризонти – таму ќе стигнеме, тоа е сигурно.
ЖМ: Моторите и семејството – како се надополнуваат тие две нешта?
Моника: Нашите деца веќе знаат – животот на две тркала е магија. Дел сме од мото клубот No Limit, каде го делиме патот со пријатели, создаваме нови спомени и градиме пријателства што траат.
Соња Алексоска Неделковска