Плачев додека ја пишував песната за Македонија во три сабајле, а ја прекинаа на радио: Енко од „Ласт експедишн“ лут за непочитта од јавноста
Фронтменот на легендарната скопска рок група „Ласт Експедишн“, Енис Хаџиќ, познат како Енко, завчера на Фејсбук најави дека од Јујтјуб и од социјалните мрежи ќе ја повлече песната „Мајка“ која бендот и пријателите ѝ ја посветија на Македонија, поради како што рече игнорантскиот однос од страна на медиумите.
Денеска, тој со нова објава на Фејсбук ги извести фановите и пријателите дека песната сепак останува на сите платформи. „Секој што ме нае, знае дека сум голем инат. Пред саат време ми се јави Горазд Чаповски и ми се закани дека ќе ме скрши од мавање ако го направам тоа а ја и не поштуем многу постари луѓе од мене али на Горазд му се плашам. Да неј а тапам многу. Ептен Ве сакам и затоа го уклучив разумот и решив да не ја бришам. Сепак е тоа ВАША ПЕСНА.“, објави Енко.
Во неговиот претходен статус, тој рече дека не очекувал експолозија на воодушевување, но е изненаден од големиот процент на игнорирање за песната која е домољубна.
-„Ви се обраќам на сите вас кои ја игнорирате нашата песна која ја објавивме пред четири дена со наслов LAST EXPEDITION и ПРИЈАТЕЛИТЕ - МАЈКА. Искрен да бидам и не очекував не знам каква експлозија на одушевување и бог знае каква голема реакција од ваша страна ама толкав процент на игнорирање досега немам забележано никогаш и тоа за песна која предизвикува силни емоции кај народот. Не постои држава на планетава земја која самата се игнорира и нема развиено чувство за самопочит како што е „нашата земја" а песната е само домољубна“, беше дел од статусот на музичарот кога објави дека ќе ја повлече песната, а го објави токму пред фудбалскиот натпревар Македонија- Австрија.

-Прво песната беше пуштена премиерно на едно радио и беше прекината на пола и заменета со некоја странска дебилна песна која можда му се допаѓа само на авторот и на неговото потесно семејство. Вторпат беше пуштена на едно друго радио и беше најавена како ПАТРИОТСКА (веројатно за да не обележат). Потоа ја пуштивме на youtube каналот и како и што знаевме предизвика мноогу мнооогу добри коментари, позитивни критики и емоции“, рече Енко во објавата.
За Женски магазин, тој ја раскажа целата
приказна за песната која носи убава порака.
-Музиката е снимана во 4 различни студија и сите се откажаа од хонорарите за изработеното. Песнава не чинеше 1.200 денари гориво и 800 денари за пиво. Ама ќе се сложиме дека вреди 100.000 пати поише“, ни изјави Енко и продолжи за ноќта кога настанала.
- Музиката од песната е стара три години и немаше текст. Само рефрен. Седнав една вечер да пишувам текст и застанав само на два стиха. Така ја оставив на страна и после месец дена се разбудив во 3 сабајле и напишав две строфи“, рече Енко и раскажа за делот во стиховите кој му бил најголем проблем.
-Ѝ се изнаплакав таа вечер и ја оставив. Најголем проблем беше третата строфа, каде што требаше да ја испофалам нашата држава и ми настана проблем во главата. Блокада. И после тоа најдов компромис и ја дотерав до крај. Кога ја пишував го ставив срцето на тацна. Плачев и три пати поише него што Вие плачевте кога ја слушавте. Плачев исто како и Вие кога го проверував текстот дали има правописни грешки. Бев пресреќен кога ја објавивме песната која почнува со трагедија а завршува со ПОБЕДА. Ја сакав 100 пати поише од било кој на планетава.“, зборува Енко за „Мајка“ со својот познат скопски жаргон.
Потоа, тој го искоментира односот на медиумите на кои вели дека им е лут.
-Па тоа (игнорирањето) може да го забележи примети било кој што и малку се разбира од музика. „Ласт Експедишн“ е еден од најдобрите Македонски бендови „икад“. Мора да имаме посебен третман од медиумите поради годините што ги имаме, и башка што сме мнооогу добар бенд. Треба бре овој народ да се гордее со некого. Лут сум на медиумите поради тоа што после 20- 30 години им се појавува прекрасна македонска песна а тие не реагираат никако. Па плукни ме ако треба! Не ме игнорирај ! „Ласт Експедишн“ е постар бренд од 99% медиуми во Македонија. Само барам РЕСПЕКТ“, ни изјави познатиот рокер.
Песната „Мајка“ која ја споделија многу колеги на членовите на познатиот бенд како знак на поддршка, можете да ја слушнете ТУКА.
М. Џаровска
Фото: Стефан Рахјл