Побрзо доаѓа до развод, одошто до брак: Статистиката ги утврди најкритичните години од заедничкиот живот

Младите сѐ почесто стапуваат во брак подоцна. Старосната граница за стапување во брак секоја година се поместува. Сепак жените стапуваат помлади во брак одошто мажите. Расте бројот и на оние кои му даваат втора, па и трета шанса на бракот, сепак од 5 до 9 години се најкритични во бракот и тогаш најчесто според статистички просек, доаѓа до разводи.
Бракот не е уставна категорија
Во 2014 година беше актуелен предлогот бракот да се дефинира и со Уставот како хетеросексуална и моногамна заедница, но овој предлог наиде на лавина реакции од либералистите.
Во македонското законодавство, бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството, стои во Законот за семејство.
Во Уставот на Република Македонија, не постои дефиниција ниту на бракот, ниту на семејството, но загарантирани се правото на приватен и семеен и живот и правото на заштита на мајчинството и малолетните лица.
Во член 40 од Уставот стои референца дека односите во бракот и семејството се уредени со посебен закон - во конкретниот случај со Законот за семејство.
-Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.
Интересен е да се искоментира и членот 41 од Уставот на Македонија, кој пак предвидува право на одлучување колку деца поединец ќе има.
-Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика, стои во член 41 од Уставот.
Тоа значи дека популационата политика мора да се раководи според принципите на правото и слободата за слободно одлучување, па во тој поглед не може да постојат рестрикции во бројот на деца во рамките на семејството, но може да се воведуваат стимулативни популациони политики, како што се дополнителна финансиска заштита за многудетни семејства.
Во Кина на пример, постојат поригидни популациони политики кои предвидуваат и ограничување на бројот на деца, поради пренаселеноста и другите демографски проблеми кои настануваат од широката популација. Но во Македонија, уставно загарантираните права за слободно создавање на деца, спречуваат популациони политики кои се рестриктивни.
Македонија помеѓу ретките земји кои воопшто имаат дефиниција за семејство во законодавството
Во македонското законодавство семејството се дефинира како заедница на родителите и нивните деца. Оваа дефиниција е вклучена во Законот за семејство кој датира од 1992. Дефиницијата и покрај тоа што е стриктна е доста критикувана бидејќи не ја одразува вистинската слика на семејството денеска.
Со зголемување на стапката на разводи, децата на разведени родители често имаат две семејства и два дома, во одредени семејства во заедница не живеат само родителите и нивните деца, туку и бабите и дедовците и сл.
Сепак според проф. д-р Дејан Мицковиќ, проф. по семејно право, македонскиот закон е еден од ретките закони кои воопшто и дава дефиниција за семејството, во најголем број европски држави немаме во законот дефиниција за семејството и тоа е од причина што во последните неколку години во семејството и семејните односи се случуваат многу брзи промени кои што не можат да се опфатат со една дефиниција во законот.
Сепак тој потенцира дека поради брзите промени во семејството, семејните односи и заедницата воопшто потребно е редефинирање на семејството и семејните односи, а група на стручни лица се залагаат за носење на нов Граѓански законик кој ќе ги опфати новите состојби и во семејството.
Браковите пред 15 години и денеска
Социјалните односи се менлива категорија, но особено во полето на бракот настануваат брзи транзиции и промени, а тоа е прикажано и со статистичките податоци.
Во 2009 година бројот на склучени бракови изнесувал 14 923, додека бројот на разводи изнесувал вкупно 1 287. Старосната граница постојано се поместува и за склучување на бракови и за разводи. Просечната возраст при склучување на прв брак е 25.0 години за невестата и 28.0 години за младоженецот. Најголем број на разведени бракови според возраста на сопругата е забележан во старосната група од 25 до 29 години, а за сопругот во старосната група од 30 до 34 години.
Минатата година има големи промени и во бројот на склучени бракови, разводи, старосна граница, но и просечен „животен век“ на траењето на бракот.
Во 2024 година се склучени 11 066 бракови, просечната возраст при склучувањето прв брак е 27.6 години за невестата и 30.1 година за младоженецот. Според возраста, најголем број разводи кај жените имало во старосната група од 35 до 39 години, односно 359, а кај мажите во старосната група од 40 до 44 години, односно 347. Според траењето на бракот, најмногу разводи, 488, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот, стои во оцифијалното соопштение на Државниот завод за статистика.
Разлики помеѓу бракот и семејството
Иако бракот и семејството често се користат како слични поими и хомоними, сепак постојат суштински разлики помеѓу бракот и семејството. Бракот е заедница помеѓу мажот и жената која е организирана околу одгледување на заедничкото потомство. Иако дефиницијата за нуклеусно семејството вклучува заедница на родителите и нивните деца, таа претставува многу поширок поим од бракот.
Семејството го подразбира бракот како свое подмножество, но има многу поширок концептуален опфат. Семејството ги подразбира и крвните врски, бабите, дедовците и другите роднини, како и социјалните врски доколку семејството се обединило на неконвенционален начин - како згрижување на деца, посвојување на деца и сл. наспроти конвенционалниот репродуктивен начин.
Стапка на наталилтет
За 2009 година, стапката изнесува 11.5 живородени бебиња на 1 000 жители, додека во 2023 година (последните собрани официјални податоци) велат дека во просек, на 1 000 жители се родени 9.2 деца. Се забележува опаѓање на стапката на наталилтет. Наталилтетот е сложен демографски феномен кој секако треба да се гледа низ призма на корелација со другите феномени - како миграции, контрацепција и сл.
Но факт е дека економските промени и промените во семејството и браковите значително влијаат на одлуката за тоа колку деца поединец или семејство ќе има. Општо е познато дека само пред неколку децении во генерациите на нашите баби, бројот на браќа и сестри во семејството бил далеку поголем, додека секоја идна генерација бројот на членови во семејството изградено на крвни врски - роднини опаѓа.
Дури и се создава култура на валоризирање на семејства кои имаат помал број деца, како рационални семејства кои ја планираат нивната иднина, или доколку станува збор за голем број деца во семејството се претпоставува дека тоа семејство е финансиски моќно и може да го понесе финансискиот товар на грижа за децата, па голем број деца се смета за престиж во вториот случај.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов