ПРОДОЛЖУВА ТОПЛОТО ВРЕМЕ И ВИКЕНДОВ - синоптичарите најавуваат грмотевици и пороен дожд за во недела, еве ги деталите

Добивај вести на Viber

И денеска не очекува сончево и многу топло време, со температури кои надминуваат 30 степени. Слично време се очекува и во текот на утрешниот ден, но според синоптичарите утре можно е да заврне во одредени делови од земајва и да донесе вистинско освежување, па дури и град. 

- Во недела (6 јули) поради продор на поладен воздух од север на висина, во нашата Република Македонија ќе дојде до локално дестабилизирање на атмосферата, но и покрај ова ќе продолжи многу топлото време со температури кои насекаде ќе надминуваат 30 степени, на многу места тие ќе надминуваат и 35 степени, а во Повардарието локално температурата ќе надмине и 40 степени.

Во попладневните часови, локално ќе се развиваат конвективни грмотевични облаци од кои очекувам појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со појава на град, и истиот очекувам да биде покрупен - нагласува метеопрогнозерот Славчо Попоски. 

Потоа додава дека и во делови од Скопскиот регион во недела попладне (6 јули) ќе има услови за нестабилност со пороен дожд, грмежи, силен ветер и со услови за појава на невреме.

- Апелирам на голема внимателност во случај на појава на невреме  и на силни електрични празнења, односно да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја додека траат силните електрични празнења. Исто така, во случај на појава на силен ветер, граѓаните своите автомобили да ги заштитат, односно, истите да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се осамени.

На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корист на секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/ - заклучува Попоски.

Извор: Фактор