РАБОТА ВО ЗАГРЕБ, КАРЛОВАЦ ИЛИ ВО СПЛИТ И НА ХВАР: Што преферираат Македонците и зошто?

Добивај вести на Viber

Доколку заминуваат во Хрватска на работа, македонските граѓани најчесто сакаат да бидат на море. Тоа им е приоритет. Ако работниците имаат можност да одат на десетина локации во Хрватска, дел се поатрактивни на сметка на другите. Сезонците сакаат да заработат повеќе, но и да уживаат покрај море доколку работните обврски тоа го дозволуваат. Ако треба да бираат меѓу Загреб и градови како Сплит, Дубровник или некој остров, најчесто би се одлучиле за второто.

„Генерално им е битно дали се на море или се во централниот дел, тоа им прави разлика. Нема некоја дефиниција, но младите сакаат на Хвар да одат, а постарите сакаат да бидат на помирни места. Во големите градови повеќе патуваат до работните места и тоа им е една негативна работа. Земањето на бакшиш зависи од позицијата, не од локацијата. Хвар го сакаат затоа што има млади, има ноќен живот и тоа им е битно“, вели Симона Цветковска, која работи во човечки ресурси во агенцијата Мацедо ХРМ од Скопје.

Дел од македонски работници зад себе имаат неколку сезони работа на Јадранот.

„На море е поплатено, јас бев повеќе сезони. Во летната сезона повеќе заработуваат рестораните и платите се и по 1.500 или 2.000 евра, од мај до крајот на септември. Платите се повисоки, нема мобинг, затоа што има работа. Кога нема работа во еден објект во зимска сезона, сите се напнати, додека на лето е растеретено. Може да се најде време да се прошета на море. Работникот кога ќе заврши со работно време, може да прошета. Секој оди да заработи. На море има шанса за бакшиш. Добар келнер кој знае да послужи, да биде продуктивен, знаат да го ценат и може да земе добар бакшиш“, објаснува Тони Ефтимов од Охрид, кој работел во Хрватска.

Според огласите, се нуди работа во Сплит, Вргорац, Загреб, на островот Вис и други локации.

„Зависи која возраст е лицето, студент или семеен човек, но секако дека сакаат да работат на море. Кај што има повеќе работа, ќе земат и повеќе пари“, додава посредник кој носел работници во Хрватска.

Нашите работници велат дека на море имаат шанса за повисока заработка.

„Имам работено во три градови во Хрватска, помали места, од кои едното има само 4.000 жители, вториот град имаше 10.000 жители, и бев во Карловац кој сепак е поголем град. Но, работата на море носеше поголема заработка и инсистирав кај хрватскиот работодавец што поскоро да ме префрли да работам на некој од хрватските острови, затоа што отидов таму за да заработам. Јас сум семеен човек, мене работата ми е приоритет како и заработката, но верувам дека на младите им е важно да бидат во некој убав град на море каде има што да се види. Јас не заминав преку агенција, туку директно воспоставив контакт со хрватскиот работодавец кој бараше занетчии и така испадна да работам на повеќе различни локации во Хрватска“, додава наш соговорник.

Македонците заминуваат да работат во повеќе европски земји.

АКО СЕ РАБОТИ ЗА ГЕРМАНИЈА, ЛУЃЕТО ЧЕСТО ЗАМИНУВААТ ТАМУ КАДЕ ИМААТ РОДНИНИ И ПРИЈАТЕЛИ

За работа во Германија, од агенциите додаваат дека македонските граѓани сакаат да заминат таму каде веќе имаат роднини, пријатели, каде има поголема македонска заедница.

„Во однос на работата во Германија најчесто ги бираат градовите каде што имаат блиски роднини или пријатели. Некогаш нивните роднини им нудат и бесплатно сместување, па тоа е најчеста причина да одберат конкретен град. Некогаш причина за да се одбере некој град е доколку становите во таа околина се релативно поевтини за разлика од некои поголеми и поразвиени градови. Некогаш фактор е и близината на аеродромот каде што има летови за Македонија“, објаснува Елена Илиевска, управител на агенцијата за вработување ФУТУРУМ од Скопје.

Висината на платите исто така е фактор според кој луѓето одлучуваат дали ќе заминат некаде.

Сања Атанасовска

Фото: Wikipedia
Извор: ФАКТОР