#РаскажувамеЗаедно: Иницијатива на Елизабета Ѓоргиевска и 5 Плус Фамилијата

Приказните за Марија Кири, Ана Павлова, Малала Јусафзаи и за други познати и непознати херои и хероини и инспиративни личности ќе бидат споделени преку најновата заедничка иницијатива на сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска и 5 Плус Фамилија. Преку проектот „Раскажуваме заедно” децата од предучилишна и училишна возраст ќе слушнат приказни за развојот и успехот на личности кои низ историјата, секој во своето време и во областа во којашто работеле, оставиле трага.
Иницијативата на децата им нуди нови едукативни содржини насред епидемијата на вирусот ковид-19, која целосно ја смени реалноста и на децата и младите. Целта на #РаскажувамеЗаедно е да го привлече и задржи вниманието на учениците и да овозможи тие да стекнат нови знаења. Приказните од #РаскажувамеЗаедно ќе се емитуваат на јавниот сервис и на сите дигитални платформи на 5 Плус Фамилијата (Facebook, YouTube и Instagram).
Покрај Ѓоргиевска, дел од оваа иницијатива ќе бидат и други јавни личности, кои ќе ги споделат приказните за личностите коишто нив ги инспирирале.