Саша Евтимова: Балетот не трпи маска и физичка дистанцираност

Добивај вести на Viber

Откако деновиве на покривот на Домот на градежниците, среде пандемиската хибернација, го одигра својот балетски перформанс на надеж, Саша Евтимова стаса во речиси сите домашни, па и во некои странски медиуми. Пораката на надеж очигледно е успешно испратена. Но ја прашавме балерината и кореограф во карантин како изгледа танцувањето со заштитна маска и ракавици. 

- Доста е тешко да се игра со маска, затоа што не можеш правилно да дишеш, поради тоа и срцето чука забрзано, многу побрзо од нормално се заморуваш. Ракавиците и не се некој проблем, но самиот факт дека не можеш да се допреш ти прави блокада, а допирот е неопходен.

* Сигурна сум дека ги следиш одговорите на светскиот балет на ковид-ситуацијата. Има ли по светов балетски решенија, слични на твоето, со заштитна опрема?

- Некои балетски компании почнаа со работа, но нивните тренизи се одвиваат со комплетна заштита, маска и дистанца помеѓу играчите. Претпоставувам, бидејќи станува збор за големи компании, тренинзите им се одвиваат во повеќе групи и различни термини за да би можеле да се придржуваат кон препораките.

* Ќе може ли балетот да се справи со правилото на физичка дистанцираност, на кое му се предвидува рок на траење најмалку до 2022 година?

- Мислам дека не би можело да се справи. Освен што е физичка, нашата професија  бара допир, блискост, интимност.

* Новонастанатата ковид-ситуација наложува мерки на заштита, кои во старт соборуваат некои од базичните принципи на балетот и танцот како уметност. Што мислиш каков ќе биде постпандемискиот балет?

- Едно нешто што знаеме е дека со времето многу работи се менуваат и, ако сакаме да бидеме во тек, мора да се менуваме и ние, но треба да знаеме дека сепак основните потреби никогаш не се менуваат. Потребата за блискост, грижа и љубов е основата на човечките врски. Навистина не би сакала да размислувам во тој правец дека балетот како класична форма би се изменил или танцот во било која форма би се изменил. Можеби би имале поголема  разноликост, можеби ќе се конектираме подлабоко со што би креирале промена на свеста, но како и да е, ниедна трансформација од почеток не е убава. Движењето на телото ги претставуваат внатрешните чувства, потреба за интимност и блискост. Не барам повеќе болка или тага, но да се движиш низ болка и тага на некој начин е трансформација и ја гледам како дел од процесот што следи.

Ј.Франговска

Фото: Доријан Миловановиќ