Се плашиме иако настапуваме со маски - вирусот се шири полесно преку пеење: Елена Петреска за работата во НОБ
За уметниците периодот на корона пандемијата е исклучително тежок, поради стопирање на сите активности. Но, вработените во Национална Опера и Балет, немаа некоја значителна пауза. За нивна среќа, често имаа концерти, но во камерни состави. Пејачката Елена Петреска, која во оваа институција работи 15 години, вели дека покрај уживањето и радоста, стравот е постојан придружник на сцената.
-Сите ротираме на сцената. Мора да признам дека не ни е лесно. Едвај си го слушаме гласот од маските, кои ги носиме и кога сме на сцена. Поради тоа даваме и многу поголем напор. Психичкиот момент е многу битен за сите нас. Пееме, го даваме својот максимум, но стравот не совладува многупати. Вирусот се шири полесно преку пеењето. Тоа сме го почувствувале, не само во ова време на корона пандемијата, туку и кога владее грипот. Мајските оперски вечери оваа година се снимаа и се емитуваа на телевизја. Немаше публика. Не го почувствуваме аплаузот за којшто живее секој уметник – открива Петреска.

Нагласува дека посакуваниот аплауз сепак го почувствувале пред платото на Национапната Опера и Балет каде традиционално ја изведоа „Аида“.
-За прв пат после долго време на сцена бевме голем број учесници. Првата проба ја одржавме во атмосфера исполнета со многу радост и позитивни емоции.
Концертите во секој случај не можат да го заменат уживањето кое го имаме на оперските претстави. Но, во моментов тоа е единствената опција за да бидеме таму каде што припаѓаме - на сцената – посочува пејачката.

Елена е посветена и на кариерата со поп музиката. Вели дека работи на нови песни, но не брза и не се оптоварува со рокови.
(С.А.Н)