„Се роди моето чудо“ – Зои Блаж ни ја раскажа најемотивната животна приказна-стана мајка по здравствена битка

Добивај вести на Viber

„Не можам да го опишам со зборови ова чувство на среќа, исполнетост, мир и емоција – сè во едно. Ми се исполни најголемата желба за која мислев дека никогаш нема да се оствари.“

Со солзи радосници, неизмерна љубов и благодарност, македонската мејкап артистка и инфлуенсерка Зорица Матијашиќ или попозната како Зои Блаж ни ја раскажа својата најинтимна и највозвишена животна приказна – раѓањето на нејзиното прво дете. По здравствени предизвици кои оставале сомнеж дали воопшто ќе може да стане мајка, нејзината најголема животна желба конечно се исполни.

Процесот на породување не бил лесен и траел речиси два дена, но сè завршило токму како што посакувала – природно.

„Се измачивме доста и јас и таа. Не беше како што си замислував, но фала му на Бог – се заврши како што треба. Се породив природно, како што сакав.“

Моментот кога за првпат ја здогледала својата ќеркичка бил исолнет со емоции.

„Ух, дали е можно дека ова ми е реалност или сонувам? Плачевме сите тројца. И мојот сопруг Тадеј присуствуваше на пораѓајот – за тоа сум бескрајно благодарна. Сметам дека и татковците треба да го доживеат тој момент.“



Нивната ќерка Мариа, уште од првите моменти, донела мир, љубов и топлина во нивниот дом.

„Мариа ме смири многу, ме направи да се чувствувам како да лебдам. Едноставно – уживам со неа.“

Иако сè уште е рано за големи заклучоци, тазе мајката вели дека уште од бременоста се гледал карактерот на малата Мариа.

„Си го покажуваше карактерот уште во мешето, како вистински Бик.“ – раскажува низ насмевка Зои.

Сега, и покрај почетните тешкотии, ужива и во доењето – нешто за што до последен момент не се знаело дали ќе биде можно.

„Тешко е на почеток, но се привикнуваме. Многу сум среќна што ја имам таа можност, бидејќи не се знаеше дали ќе смеам да дојам поради туморот на едната града.“

Мајчинството ѝ ја променило животната перспектива.

„Научив дека нема ништо побитно од мајчинството – улога што порано мислев дека никогаш нема да ја имам. Станав понежна, посмирена и многу трпелива.“

На крај, нејзината порака до сите идни мајки е едноставна, но моќна:

„Да уживаат во секој миг со своето најмило, да не слушаат никого освен себе – и да се вложат максимално во своето дете.“


Ирена Ставрова