Семејно насилство врз дете во скопско Драчево: Еве што кажа мајката, таткото заврши во притвор

Вознемирувачко видео што се појави на социјалните мрежи разбуди шок и револт кај јавноста. На снимката се гледа како четиригодишно девојче од скопската населба Драчево е жртва на семејно насилство. Видеото, како и фотографии од последиците, ги сподели мајката на детето, обвинувајќи го таткото за бруталниот напад. Таа во својата порака истакна дека насилството траело подолг период, а овојпат решила јавно да проговори за да ги заштити своите деца.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, против 28-годишниот татко е поведена постапка за телесна повреда според член 130 од Кривичниот законик. Осомничениот во семејниот дом физички ја нападнал својата малолетна ќерка родена во 2021 година, нанесувајќи ѝ набиеници на главата и огреботини на лицето, по што ѝ упатил и закани по живот. Инцидентот се случил додека мајката приготвувала јадење, а девојчето си играло со своите сестри.
Обвинителството побара притвор за осомничениот поради опасност од повторување на насилството и можност за бегство за да ја избегне одговорноста. Судот ја прифати иницијативата, оценувајќи дека ваквото однесување претставува сериозна закана за нормалниот развој и безбедноста на децата.
И.С.