Што не ви е јасно: Најлошото помина, најлошото допрва нè чека

Добивај вести на Viber

Ана Капор стана ѕвезда со својот Фејсбук статус, кој доби над 6000 споделувања и над 13000 допаѓања. Таа се уште не може да поверува на ова, па коментира:

- Мирно живеев во карантин, сликав, готвев, гледав филмови, пишував дневник за моите пријатели да знааш што ни се случува тука и тогаш одеднаш, преку ноќ станав Фејсбук ѕвезда поради текстот кој ја обиколи Србија и светот и доживеа неверојатен број на сподлувања. Мојот пост се рашири вирално и во согласност со темата. Сега инбоксот ми е затрупан со пораки на кои не стигнувам да одговорам, а бидејќи сум одговорна, се нервирам што не успевам да го постигнам тоа и жал ми е што повеќе немам време за нови пријатели на Фејсбук, чии понуди сè уште пристигнуваат. Дали е тоа она за кое отсекогаш сонував? Да ме сакаат, цитираат и прераскажуваат?- гласно размислува сликарката Ана.

Ова е нејзиниот фамозен пост:

Здраво Рим! 43-ти ден. Иако не сум лекар туку сликар, имам сфатено дека за оваа болест нема лек и дека ги напаѓа старите ама од неа умираат и млади. Но, болеста не е сериозна, освен кога ќе стане сериозна, а тоа не можеме да го предвидиме. Најголемиот број луѓе немаат симптоми па не знаеме дали се болни, освен ако не умрат. Вирусот досега има ослабено, но можеби и нема ослабено. Тоа денес уште не можеме да го знаеме ама ќе знаеме на лето. Секоја земја има свој мутиран облик на вирусот но можно е тој секаде да е ист.

Се пренесува исклучиво преку капки, односно со близок човечки контакт. Затоа, добро е да се перат улиците. Не, улиците треба да се перат од психолошки причини, за да не ни биде страв да излеземе. Но, посигурно е да не излегуваме, освен ако не е најнеопходно. Треба да се излегува заради имунитетот, но подобро е да останеме дома.

Следните две недели се клучни, од нив сè зависи. Следните три недели се клучни, од нас сè зависи.

Децата не го пренесуваат вирусот но всушност го пренесуваат. Најдобро е децата што побрзо да се заразат. На децата треба добро да се внимава да не се заразат. Не треба да одат по паркови, тие треба да се заклучат. Не децата туку парковите. Училиштата треба што побрзо да се отворат, но не пред јули.

Маските се непотребни, тие дури можат да бидат и штетни ако не се користат правилно, доволно е да се држи дистанца од метар ипол. Маските се неопходни, тие нè штитат но не оние обичните кои ги има по аптеки туку некои специјални, со шифра, кои ги нема.

Вирусот се задржува на површини и затоа мора сè да се дезинфицира. Не е потребно да се дезинфицира храната од продавница бидејќи заразата така не се пренесува.

Вирусот е природен, сè започнало со некој лилјак на пазар и околу тоа нема дилема. Вирусот е вештачки, направен е во лабораторија и тоа е барем јасно. 

Летово ќе одиме на море бидејќи високите температури ќе го уништат вирусот. Летово не треба да се оди никаде бидејќи најсигурно е да се остане во своето место на живеење.

Русите се на праг да направат вакцина, ќе биде готова до есен и тоа ќе нè спаси. Вакцина нема да биде готова уште најмалку година дена. Кога ќе биде достапна, никако не треба да се вакцинирате, освен ако сте во ризичните групи. Најважно е сите да се вакцинираат. Вирусот набргу ќе исчезне по природен пат. На есен треба да очекуваме нов бран на вирусот.

Најлошото помина. Најлошото допрва нè чека.
Што не ви е јасно?