Сите пејат, корона-зло не мислат

Добивај вести на Viber

Овој викенд беше музички многу интензивен. Откако на почетокот на март, како една од антикорона-мерките во Европа беа забранети јавните собири, музичарите практикуваат разни начини да се дружат – вирално и да пејат заеднички – секој од својата изолација. Викендов домашната сцена доби неколку нови снимки, најдиректно иснпирирани од актуелните теми – карантин и изолација.

Најмасовна е преработката на „Чукни во дрво“ на „Леб и сол“, која ја организираше МТВ под мотото #ОстаниДома, вклучувајќи во изведбата врвни македонски музичари, меѓу кои авторот на песната Влатко Стефановски, Калиопи, Тамара, оперската певица Весна Гиновска Илкова, Андријана Јаневска, Ленче и Горан Кукиќ, Игор Џамбазов, Бени, Александар Митевски и Драган Спасов- Дац, Вера од „Љубојна“, Влатко Лозановски, Пере од „Нокаут“, Миле Кузмановски и Васил Зафирчев. Бонус учествоо - пее и пијанистот Симон Трпчески.

Придонес во проектот дадоа и членовите на мандолинскиот оркестар „Скопје“ под диригентска палка на Ерхан Шукри, Иван Кукиќ на бас гитара и Јан Стефановски на тапани.

Песната е, како што рекоа изведувачите, универзална порака за она што е најважно - здравје, среќа и љубов!

Највесела е преработката на „Бела чао“, химната на отпорот на италијанските партизани од Втората Светска Војна, која во изведбата на Драган Спасов-Дац и Александар Митевски стана „Корона чао“. Преработката стана инстант-хит кај нас, а веќе ги помина и границите, затворени поради вирусот, и стаса и до бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој на својот ФБ постираше видео како ја слуша во автомобил, додека вози.

Најконтемплативна е песната „Карантин“, на Гуру Харе, која исто така се појави викендов и која претставува акустично и меланхолично промислување на периодот низ кој минуваме со стихови, кои велат: „Светот е во очај, паника и страв, не се знае кој е болен а кој здрав, Карантин, изолација, колективна хибернација...“.

Во целиот регион, различно конципирани музички настапи се организираат за јакнење на духот на граѓаните за време на карантинските денови или како симболична поддршка и благодарност до здравствените работници.

Во Белград тече циклус концерти без публика, насловен „Белград победува“. По првиот настап пред белградската Скупштина, кој го одржа Жељко Јоксимовиќ минатата недела, викендов пееше Саша Ковачевиќ.

Во Хрватска, ден за онлајн концерт е понеделник. Минатиот понеделник Петар Грашо пееше од својот дом во Сплит, во придружба на гитаристот Анте Гело во Загреб. Ваков концерт во придружба на акустичната гитара на Гело деновиве одржа и Зорица Конџа, а вечерва во најава е дует со пејачот Марко Тоља.

Заеднички именител на сите овие настани е мотото – остани дома. Додека концертите да се вратат на големите сцени пред бројна публика, ова е мал тест на вистинитоста на зиреката „песната не одржала, нејзе – фала“.