Слушаш македонски хит, а добиваш србизам и јазична дембелана – македонскиот јазик е идентитет, а не експеримент за ритам и рима

Добивај вести на Viber

Изведувачот најавува нова песна, следува промоција во медиуми, социјални мрежи и музички платформи. На прво слушање звучи трендовски. Музиката најчесто ја доживуваме емоционално, затоа се соживуваме со неа, го знаеме и го пееме секој нејзин пишан збор.

Но, штом внимателно се анализира текстот – нешто почнува да ни „боде“ во ушите. Да, постои поетска слобода и таа е оправдана. Но, постојат и јазични грешки: неправилни акценти, погрешно членувани зборови, испуштени заменки, а често и србизми и англизми, кои тивко ѝ се вовлекуваат на македонската лирика. Се добива впечатокот дека преовладува јазична небрежност, во името на добриот ритам или лесна и певлива рима.

Во трката за комерцијален успех, често се заборава дека јазикот е повеќе од средство за рима. Тој е идентитет. Голем број хитови стануваат дел од секојдневниот живот на најмалите. Тие ги слушаат и пеат и несвесно ги прифаќаат како дел од нашиот јазичен пејзаж.

На д-р Елка Јачева-Улчар, од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ која вели дека иако досега не направила формална анализа на текстовите на македонските песни, – ѝ пречат како слушател, но и како лектор ваквите неусогласености. 


– Да бидам искрена – ми пречи кога во некоја наша песна ќе чујам неправилно акцентирање, или во полза на ритамот неудвоен објект, испуштање на повратната заменка се, на членската морфема таму каде што објективно треба да стои... сиве овие отстапувања, почнувајќи од незапазувањето на македонското третосложно акцентирање, преку погоре споменатите, до употребата на србизми и правописни грешки во насловите најблаго речено ме обеспокојуваат – поради фактот што сметам дека авторите на текстот и на музиката многу ноншалантно преминале преку овие недоследности, односно, како што вели нашиот кодификатор Блаже Конески, ѝ се препуштиле на „јазичната дембелана“ без да се потрудат да донесат подобро и правилно решение со кое ќе се зачуваат и ритамот, но и правилниот македонски израз – посочува Јачева-Улчар која не се согласува со констатацијата дека македонскиот јазик е сиромашен.

– Позитивниот однос спрема македонскиот јазик треба да почне да се гради од најмала возраст кај  најмалите Македонци. Уште дома, а потоа и во предучилишните установи на децата треба да им се всадува свеста дека нивниот мајчин јазик –македонскиот, го зборуваат мал број луѓе и дека ако самите не си го зборуваме и изучуваме ќе нема кој друг да го прави тоа наместо нас на планетава; дека не постојат мали и големи јазици ниту богати и сиромашни. Погрешно е мислењето дека македонскиот јазик е сиромашен јазик. Сиромашни сме ние во неговото непознавање – заклучува таа.


Домашната музичка сцена во последниве години произведе многу хитови – модерни, енергични, често заразни.Јазичната недоследност не е нужно знак на незнаење – понекогаш е резултат на уметничка слобода или желба за полесно пеење. Но кога тие „уметнички отстапувања“ ќе станат правило, тогаш станува збор за тенденција. А тенденциите го менуваат јазикот – не секогаш на добро.

Текстописците, музичките продуценти и изведувачите имаат одговорност – не само кон публиката, туку и кон македонскиот јазик. Треба да се вложи само поголем труд. А таму каде што има труд, нема место за дембелана.


Соња Алексоска Неделковска