Снаите не ги сакаат, бабите ги чуваа како злато: Милјињата -богатство од минатото или непотребен товар?

Некогаш беа симбол на убаво уреден дом, гордост на секоја мајка и баба, и неизбежен дел од секој шкаф или маса. Плетените милјиња, направени со рачна работа и голема љубов, денес за жал често завршуваат заборавени на тавани или по огласи за продажба.
„Цел плакар ми остави мајка ми вакви плетени работи, нејзина работа и на една жена од Козле – Трајка се викаше. На времето плетеа и по порачака и доста се бараа, а сега снајки не ги сакаат и ги џиткаат,“ пишува една објава на социјалните мрежи, која предизвика многу коментари и носталгија.
Постарите генерации велат дека секое милје е вистинско мало ремек-дело, исплетено со трпение и љубов.
„Кога ќе земеш едно милје во рака, не држиш само конец и игла – држиш историја, време и спомен од жените кои цели денови седеле и твореле,“ вели една повозрасна госпоѓа која уште ги чува милјињата на својата мајка.
Додека младите сметаат дека ваквите парчиња не се вклопуваат во модерниот ентериер, има и такви што веруваат дека токму тие можат да бидат модерен детаљ ако се искомбинираат со вкус.
„Секој предмет што има душа може да се вклопи – прашање е дали гледаме вредност во него,“ додава уште еден коментар.
Сепак, за љубителите на рачната изработка, секое милје останува уникатна приказна исплетена во конец – дел од културното наследство што сè повеќе исчезнува.
И.С.
ФОТО: Фејсбук/социјални групи