Старото срце на Скопје, чука најсилно под ѕвездено небо: Лето во Чаршија - кога традицијата станува урбана авантура (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Добивај вести на Viber

Во топлите летни вечери, Старата скопска чаршија повторно го доживува својот полн сјај. Овој културно-историски бисер во срцето на градот, секое лето станува најпосетено место – како од страна на туристите, така и од скопјани кои бараат убаво место за прошетка, дружење и уживање во автентичната чаршија.

Преку ден, Старата чаршија плени со својот историски шарм, автентична архитектура и богата понуда. Посетителите имаат можност да вкусат традиционални специјалитети, како легендарните чаршиски ќебапчиња, турско кафе варено на песок, како и традиционалните десерти подготвени по стари рецепти во слаткарниците со децениска традиција.

Но, вистинската магија се случува во вечерните часови.

Со спуштањето на сонцето, чаршијата добива сосема ново лице. Калдрмисаните улици се исполнуваат со музика, мириси на скара, смеа и живот. Кафулињата и рестораните се полни до последно место, а на секој агол може да се почувствува духот на традицијата споен со современото живеење.

Шаренилото на чаршијата, светлата и убаво уредените тераси создаваат несекојдневна атмосфера што остава впечаток на секој посетител. Сето тоа ја прави Старата чаршија едно од најатрактивните места во Скопје во овој период од годината.


Со својата уникатност, топлина и гостопримство, Старата чаршија не е само дестинација – таа е доживување кое се памети. И затоа, не е ни чудо што токму сега, во летото, таа е полна со живот и гости од сите краеви на светот.

Г.Д.Г
Фото: Приватна архива