ТАА...кралица на матурската вечер

Денешната ТАА Е... ќе биде посветена на сите млади девојки кои ја
слават матурата. И ако ме прашате зошто, одговорот е многу едноставен. Годинава
и ќерка ми е матурантка (љуби је мајка), па ја гледам неа и сите нејзини другарки
со каква радост се спремаат и колкаво им е исчекувањето на таа една и
единствена, толку посебна ноќ, матурската вечер.
И додека сите родители се периодов растрчани со одбирање на совршениот (читајте: во кој најубаво ќе се чувствуваат нивните ќерки) фустан, комплет или пантолони, соодветни чевли и накит, најтопло ги поздравувам бутиците и модните куќи кои секоја година имаат акции за подарување на гардероба за матурите.
А што се однесува до тебе, драга моја ТАА Е...драги мои ТИЕ СТЕ...имам и јас нешто кратко да ви кажам (не знам колку ќе е баш кратко, ама еве):
Драги мои матурантки, прво сакам да ви посакам убава прослава и да блескате сите. Не е воопшто важно како и во што ќе бидете облечени, оти младоста и убавината која во себе ја носите е најраскошното нешто кое ве краси. Бидете си свои, бидете горди на себе што завршувате со едно поглевје од животот, а кое ви е старт за нешто ново и поинакво. Да не заборавите дека шминката, фризурата, аксесоарите се само пропратни работи кои ќе зрачат на вас, оти сите сте преубави млади жени кои допрва ќе си го најдат своето место под сонцето.
Никогаш во животот да не дозволите формалноста да ви е над суштината. Облеката не го прави човекот, ќе се уверите во тоа кога ќе бидете повозрасни. Моќта и власта нема да ве сторат добри луѓе, ниту луѓе за почит ако немате човечки квалитети. Да ми го памтите зборот дека “благодарам”, ”извини”, ”те молам” и доброто воспитување се работи кои никогаш не излегуваат од мода, колку и некогаш да ви се чини оти џабе сте пристојни. Знам дека кога гледате како функционираат работите можеби и нема да ми верувате сега на муабетов, но останува на вас да воспоставите нови норми, нови вредности, нови патеки.
Да знаете дека авторитет не се постигнува со закани, заплашувања и уцени, ами со работа, чесност и чест. А честа и белиот образ се убост која не поминува.
Да бидете свесни дека низ животот ќе сретнувате луѓе кои ќе сакаат да ве омаловажат, да ве потчинат и да ви ја поткопаат самодовербата. Некогаш, само затоа што сте жени. Никако и никогаш да не го дозволите тоа, да не се пазарите со никого за тоа колку вредите и колку можете. Ако внимателно анализирате, ќе видите дека тоа ќе бидат секогаш оние кои се неспособни и мрзеливи, а таквите не сакаат да имаат во близина квалитетни луѓе. Не за друго, туку дека нивната неспособност тогаш најмногу доаѓа до израз.
Да не отстапувате од своите ставови и принципи, особено ако однатре знаете и чувствувате дека не треба. Ставовите и принципите се менуваат низ животот, се надградуваат, но основата секогаш останува иста.
Бидете автентични, секогаш! Вашите идеи, визии, желби и потреби да си чувате како зеница во окото. Нема глупави идеи, има само особи кои не ги разбираат и кои ќе ве деградираат само затоа што ним не им текнало на тоа што вие го поставувате како визија. Не се плашете да застанете зад себе, оти луѓето се како ајкулите кои намирисуваат крв, ќе ви го намирисаат стравот на километри.
Познатата актерка Gillian Anderson на едно обраќање до младите жени порача “Follow your dreams, not your boyfriends” (Следете ги своите соништа, не вашите момчиња). Љубете, но никогаш не се заборавајте себеси и своите соништа. Впрочем, не е љубов ако се немате сами себе и ако не си следите соништата. Тој што навистина ве сака, ќе го знае тоа и од него ќе имате само поддршка, без задршка. Љубовта е дела и чување грб, а не само празни зборови кои ќе ги одвее првиот ветар.
Чувајте се едни со други, бидете она што се вели “ЖЕНА НА ЖЕНА И’ Е НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА”. За сите има место под ова небо, радувајте се на успесите на вашите другарки, соученички, колешки. Секоја жена која е успешна, е поттик на друга жена. Кога една од вас ќе е појдена удолу, да подадете рака и да ја вивнете угоре. Не премолчувајте насилство кон другите девојки и/или жени и да не давате никој да фаќа сеир на нечија мака.
За крај...
ТАА Е...секоја една од вас. Млади дами, прекрасни дами, успешни дами. Вие сте иднината, вие сте тие кои ќе зачекорат подалеку од таму каде што ќе застанеме ние, вашите мајки, тетки, баби. Вие сте нашето подобро утре, нашата надеж и верба.
А за матурската ноќ...секоја од вас е КРАЛИЦА НА МАТУРСКАТА ВЕЧЕР, главата да ви е секогаш горе а нозете цврсто на земја. И да знаете, вие сте наша најголема гордост.
За Женски магазин,
Ваша, Ана Бунтеска
Патот по кој ќе чекорите
Нема да ви е секогаш послан со рози
Чашата од која ќе пиете
Некојпат ќе е полна чемер
Храната која ќе ја вкусите
Не секогаш ќе е за прсти да излижете
И ќе научите
Ќе научите како себе да се сакате
Како сами да ги минете сите препреки
Како да одберете со кого ќе седнете на маса
И со кого трпеза ќе делите
Ќе научите како да се штитите
Од луѓе-отров
И како до себе да ги приберете
Сите кои иљач ќе ви бидат
Ќе научите да велите НЕ
На сите кои ќе сакаат
На душа да ви стапнат
И ќе знаете како да кажете СТОП
На сите кои ќе се обидат
Горчливи солзи да ви измамат
И ќе успеете...знам
Знам дека ќе можете
Зад себе цврсто да застанете
И да бидете доволно силни и храбри
За овој чуден свет
Наопаку да го превртите
И од него оаза на спокој да создадете
Та главите секојпат угоре да ви се
И да сте горди на секој ваш успех
А од неуспесите мудро да учите
За и нив победа да ги сторите
Та да си ја сочувате љубовта во себе
И да ги го негувате детето во себе
Да си замините од нељубов
И пет пари да не давате
За тие кои ќе сакаат да ве повредат
Чаша горе за вашата младост
Чаша горе за вашата убост
Чаша горе за животот
Кој допрва ќе ви дари сè
Живот во кој ќе блескате
Живот во кој покрај вас
И ние надеж ќе имаме
Живели!