„Тажна и мачна судбина“: Познат идентитетот на човекот кој го расплака светот и ја врати вербата во човештвото

Триесет и тригодишниот Албанец Олсијен Мучобега несвесно стана симбол на хуманоста кога фотограф во Грција го улови во момент како среде пожарот во Патра спасува овца, држејќи ја во прегратка и превезувајќи ја на својот мотор.
Фотографијата стана вирална, ја трогна цела Грција, но и пошироко, прикажувајќи ја најхуманата страна на човекот во ден на катастрофа.
Меѓутоа, ова не беше неговиот единствен подвиг. Како што самиот открива, истиот ден спасил и други животни, меѓу кои и врзани и напуштени кучиња.
– Знаете ли колку животни спасивме? И кучиња, многу врзани кучиња. Полудувам од тоа што луѓето го прават – си заминуваат и ги оставаат кучињата врзани. Тоа не е немарност, тоа е злосторство – изјави Мучобега.
Олсијен во Грција дошол кога имал само три години, од Тепелена во Албанија. Неговиот татко бил градежен работник, мајката домаќинка, а тој уште од мали нозе помагал во работата. Во текот на животот работел како молер, доставувач и во подготовка на храна во ресторан за гирос.
Женет е со Гркинката Марија–Елени, со која има две деца – Георгијана и Јасон. И покрај долгогодишниот живот во Грција, и натаму се соочува со бирократски проблеми: „Имам проблем со регионот, не ми даваат дозвола, иако според правилата одамна требаше да добијам грчки патен документ“, со горчина истакнува.
Извор: Телграф