Тивка убавина покрај патот за Охрид: За само неколку минути ќе стигнете до овој македонски рај

Кога патот ќе ве однесе кон Охрид, задолжително треба да го посетите ова место. Се ножа покрај патот Кичево – Охрид.
За некои чуда на природата не може да се зборува, затоа што треба да се доживеат со очи. Не се експонирани во јавноста, тие се таму – скриени, мирни, длабоки. Такво е и селото Извор, сметен во областа Копачка во Кичево, таму каде што реката Треска тивко го започнува својот тек.
Се буди Треска, се буди душата
На само неколку километри од Кичево, сместено во пазувите на природата, селото Извор е едно од оние места што не те освојуваат со раскош, туку со чистота – на воздухот и водата.
Токму тука, се наоѓаат изворите на реката Треска, кои изобилуваат со зелена вегетација и бистра вода. Извира од карстен вруток кој се јавува на јужниот огранок на планината Бистра, под врвот Киска во село Извор.
Пристапот до изворот на Треска која воедно е десна притока на Вардар е многу едноставен. Кога ќе го поминете Кичево и се движите на патот кон Охрид, ги поминувате кичевски села, од десна страна има знак за село Извор и село Попоец. По само неколку минути возење ќе стигнете до оваа прекрасна природна убавина. Местото не е посебно заштитено, но жителите на селото добро се грижат за овој нивни бисер.
Извор – село со душа
Селото Извор не е големо, но секоја куќа има своја приказна, секој двор мириса на босилек, и секое срце таму чука по ритамот на реката.
Селото е во областа Копачка, во Општина Кичево. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево. Селото е рамничарско, на надморска височина од 745 метри. Од градот Кичево е оддалечено 14 километри.
Младото село Извор се наоѓа на патот Кичево-Охрид и на некогашното железничка линија со тесен колосек до Охрид. Основано е во горниот дел на долината на Треска, околу врелото Извор, по кого го добило и името. Земјиштето на кое е основано селото било атар на соседното планинско село Душегубица.
Откако започнал изградбата на автопатот Кичево-Охрид, во селото се наоѓаше базата на кинеските работници од претпријатието „Синохидро“, кои го градеа автопатот.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, од кои 10 Македонци и 1 останат.
Во селото Извор, веднаш до изворот на Треска се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која сè уште е во изградба, а за која во 2023 година беа осветени темелите.
Во време кога сè повеќе се оддалечуваме од тишината, Извор и изворите на Треска се потсетник дека убавината е токму таму каде што не брзаме. Дека не мора секогаш да бараме нови дестинации – понекогаш треба само да се вратиме онаму каде што сè започнало.
Фото: Приватна архива/ Женски магазинРЖМ